Средба на премиерот Заев со израелскиот претседател Ривлин: Демократската и реформска Влада во Македонија отвора можности за интензивирање на безбедносната и економска соработка

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од владина делегација во којашто се заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заменик претседателот на Владата за економски прашања Кочо Анѓушев, како и министрите за економија, Крешник Бектеши и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски се сретна со претседателот на државата Израел Руевен Ривлин.


Постои искрено пријателство меѓу двете земји но и меѓу граѓаните на двете држави. Република Македонија и Република Израел немаат отворени прашања. Затоа има можности за интензивирање на соработката, констатирано е на средбата.


Израелскиот претседател Ривлин ги поздрави демократските промени во Македонија и реформските определби на новата Влада, коишто отвораат можности за односите меѓу двете земји.


-Владата е насочена да обезбеди квалитетен живот на граѓаните и мотивација младите да останат да работат и живеат во родната земја. Интеграциите во ЕУ и НАТО и продлабочувањето на односите со пријателските држави, како со Израел, многу ќе придонесе кон тоа, рече премиерот Заев.


Претседателот на Владата додаде дека искуствата на Израел на безбедносен и економски план се драгоцени и дека ќе бидат земени предвид од новата Влада во Македонија.


На средбата е изразена заедничка определба за активности кон заштита на светскиот мир. Исто така договорени се чекори кон економско поврзување на двете земји.