Отворен прв библиотечен центар за слепи и слабовидни лица
Десет наслови од едицијата „Нобеловци“ ќе бидат први аудиоизданија што ќе ги објави Библиотечниот центар за слепи и слабовидни лица, кој денеска беше свечено пуштен во употреба и лоциран во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Отворен е со поддршка од Владата, на иницијатива на Националниот сојуз на слепи лица. Се простира на 200 метри квадратни адаптиран простор, и ќе биде прв специјализиран центар за печатење книги со Брајово писмо и за издавање звучни книги. Ќе има и канцеларија за вработените и читалница. Обезбедени се печатарска машина и тонско студио за книги во аудио форма, со кои ќе се зголеми книжниот фонд за околу 2.500 регистрирани слепи лица во државата.
- Ова го договоривме со Сојузот пред околу една година. Задоволство ми е што овој чекор на Владата преку Министерството за култура ќе помогне на многу лица кои имаат проблеми со видот да можат да читаат и да бидат во тек со многу работи што ги интересира и да имаат поквалитетен живот, истакна премиерот Никола Груевски, кој го отвори центарот, придружуван од министрите за култура за труд и социјална политика Елизабета Канческа-Милевска и Спиро Ристовски.
Груевски рече дека Владата им излегува во пресрет на оваа категорија граѓани и со други преземени мерки, како што е одлуката за надомест од 7.000 денари за лица за придружба, што ќе почне да се издава од јули 2012. Потсети дека е обезбеден бесплатен меѓуградски превод шест пати годишно за лицата со оштетен вид и за нивните придружници, а слепите се ослободени и од плаќање патарина. Воведени се и посебни стимулативни мерки за работадавачите што ќе вработат слепи или лица со попреченост.
Чедо Шопкиќ, уредник на програмата за издавачка дејност во новоотворениот центар, истакна дека тој е исклучително значаен за слепите кои, како што рече, се нерамноправни во однос на лицата со вид зашто им е недостапно богатството на книгата. Рече дека само меѓу 2 и 5 отсто од книжевната продукција е објавена на Брајово писмо или во звучна форма.
- Шестточкастото писмо на Луј Брај како систем на симболи успешно го супституира визуелното писмо, рече Шопкиќ, нагласувајќи дека изданијата со Брајова азбука се технолошки специфични и бараат посебен третман.
Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“ Миле Бошески е задоволен што кај нив ќе биде сместен првиот центар за книги за слепи и слабовидни во државата. - Покрај хуманата димензија, со овој проект Владата го потврдува и принципиелниот став за правата и слободите на сите граѓани во Република Македонија, рече Бошески.