Груевски најави 80 нови болнички возила за здравствените установи низ државата
Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски денеска најави набавка на 80 нови болнички возила наменети за јавните здравствени установи кои ќе бидат распределени низ целата држава.
По отворање на Библиотечниот центар за слепи и слабовидни лица во НУБ „Св. Климент Охридски“, во изјава за медиумите Груевски рече дека предвидени се многу чекори за модернизација на здравствениот систем следната година.
- Имаме многу предвидени чекори, но ќе напоменам еден кој наскоро треба да се случи. Бидејќи од многу здравствени установи укажано е недостиг на болнички возила кои ги попречуваат во секојдневното работење, Владата презема чекор да се набават 80 болнички возила кои ќе бидат распределени низ целата држава, рече Груевски.
Премиерот појасни дека возилата некаде ќе бидат заменети, а во одредени здравствени установи возната структура ќе биде целосно зајакната.
- Министерството за здравство очекува при крајот на јануари да го приврши тендерот за набавка на вакви возила и да склучи договор, по што би следувала нивната дистрибуција во поголем дел јавни здравствени установи. Се разбира, има и други чекори, но ова е еден кој што сакам да го истакнам, затоа што сме во близина на негово исполнување, истакна Груевски во изјава за медиумите.