Премиерот Груевски најави ваучери од 5.000 евра за почеток на бизнис и намалување на регистрација на фирми за студенти
Ваучери во вредност од 5 илјади евра државата ќе доделува за развој на бизнис план. Проектот треба да почне на почетокот на наредната година, а критериумите се разработуваат и наскоро ќе бидат објавени.
Ова го најави премиерот Никола Груевски денеска одговарајќи на новинарски прашања за тоа дали се планираат нови мерки за олеснување на работата на претприемачите, по пуштање во употреба Библиотечен центар за слепи и слабовидни лица.
- Тоа ќе помогне на многу луѓе особено на оние кои ги немаат тие 5 илјади евра. Има млади луѓе кои имаат добри идеи за бизнис кои имаат можност да направат и бизнис план, но им треба одреден капитал за развој на планот и ние како држава на почетокот на следната година ќе почнеме проект со кој преку ваучерите ќе им помагаме во развојот на бизнис плановите, изјави премиерот и додаде дека ваков проект е спроведен во многу земји доста успешно и оти многу фирми почнале на тој начин, многу идеи се преточиле во бизнис и се вработиле не само еден човек, туку многу луѓе.
Втората мерка што ја најави премиерот за олеснување на работата на претприемачите, е намалување на цената за отворање фирма од страна на студенти за 50 проценти.
- Владата донесе одлука цената за отворање фирма за студенти да се намали од 2.400 денари на 1.200 денари, а веќе размислуваме и таа бројка да се намали, така што она што го ветивме во програмата дека студентите кога ќе посакаат да основаат фирма ќе имаат 50 отсто пониски трошоци отколку сите останати е веќе реализирано и може да се користи. Тоа ќе помогне на многу студенти како што секаде во светот студентите сакаат да најдат начин поевтино да почнат бизнис. Најчесто тие немаат доволно средства, но имаат добри идеи, ентузијазам и се подготвени да се обидат да направат бизнис и да најдат работа за себе, но и за многу други. Важно е дека ќе им се даде можност да можат да ја реализираат својата идеја, рече премиерот.
Тој додаде дека има и други работи, но оти ова се само две кои наскоро ќе почнат да се имплементираат.