Вицепремиерот Анѓушев во посета на рудникот САСА: Владата подготвува закон за подобрување на статусот на рударите
Заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев денеска го посети рудникот Саса во Македонска Каменица, каде оствари работна средба со раководството на рудникот. Вицепремиерот Анѓушев заедно со генералниот директор Нели Стивенсон разговараа за состојбата и предизвиците во рударскиот сектор, но и за тоа како да се развива оваа гранка согласно европските стандарди. Во фокусот на разговорот беше како да се унапреди статусот на работниците во рударскиот сектор.
„Разговаравме за задоволување на европските стандарди и норми во практикување на рударство во Саса и во останатите рудници. Раководството ни ги презентираше развојните проекти и какви чекори ќе превземат за заштита на животната околината. Разговаравме како да се подобрат работните услови на работниците. Во Владата во тек е подготовка на активности околу подобрување на состојбата на работниците во рударството. Ги информиравме за активностите, тие се подготвени да соработуваме и заеднички да работиме на подобрување и унапредување на условите на работниците“, истакна вицепремиерот Анѓушев, кој посочи дека рудниците се значаен извор на приход во Република Македонија.
Вицепремиеот Анѓушев на работниот состанок го информираше раководството за мерките што се подготвуваат за поддршка на стопанството, а се однесуваат за сите компании што ќе инвестираат во развој без оглед дали се странски инвестиции или домашни компании. Од Саса изразија спремност за соработка и искажаа задоволство од најавените мерки.