Премиерот Заев на средба со професори од Институтот за македонски јазик: Силна е поддршката за унапредување на македонскиот јазик како идентитетска основа на македонскиот народ и како еден од столбовите на нашата посебност

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска прими делегација од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. На состанокот, како членови на делегацијата на институтот, присуствуваа директорката д-р Елена Јованова-Грујовска, и професорките и научни работнички д-р Симона Груевска-Маџовска, д-р Алексанра Ѓуркова, како и претставничките на редакциите на „Правописот на македонскиот јазик“ и на „Толковниот речник на македонскиот јазик“, д-р Елка Јачева-Улчар и д-р Снежана Велковска.

 

На оваа средба присуствуваа и министерот за култура Роберт Алаѓозовски и Претседателот на Советот за македонски јазик, проф. д-р Људмил Спасов.

 

Премиерот Заев детално ги објасни мерките за унапредување на состојбата на македонскиот јазик усвоени на последната седница на владата, и нагласи дека меѓу 11-те точки од овие мерки се и оние кои се однесуваат на основање на Фонд за поддршка на афирмирањето на македонскиот јазик на странските универзитети, за отворање и за поддршка на лекторите по македонски јазик на странските универзитети, во ЕУ. Мерките предвидуваат основање на уште еден фонд за поддршка, за изработка на научни дела посветени на македонскиот јазик од сите области, како и други иницијативи кои во значителна мерка ќе ја подобрат работата за Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, истакна дека оваа иницијатива за унапредување на институционалната поддршка за македонскиот јазик доаѓа од фактот и од заветот дека македонскиот јазик е нашиот идентитет и столб на нашата посебност.

 

Од делегацијата на институтот соопштија дека научните работници од оваа институција со големи одобрувања ги прифатија овие мерки и дека тие мерки, меѓу другото, ќе овозможат освежување на научниот тим на институтот, во кој од 1998 година нема нови вработувања, како и нови проекти, со оглед на фактот дека последниот одобрен научен проект е од 2010 година.

 

Премиерот Заев порача дека во Владата на РМ постои амбиент за решавање на сите наметнати и наследени проблеми од претходниот период, и побара од професорките од институтот да дадат конкретни предлози за надополнување на веќе усвоенте мерки за унапредување на македонскиот јазик. 

 

Предлогот на премиерот Заев, институтот да обезбеди едноставен и слободен пристап, без надомест, до капиталните дела „Правопис на македонскиот јазик“ и „Толковен речник на македонскиот јазик“, наиде на одобрување кај делегацијата. 

 

Договорено е оваа можност за граѓаните на Република Македонија да биде овозможена колку што е можно побрзо.

 

На средбата меѓу премиерот и научните работници е прецизно утврдено, од страна на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, дека употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо е регулирана со ставот 1 од амандманот V во Уставот на Република Македонија, и со Законот за употреба на македонскиот јазик од 1998 година. Согласно овие одредби, македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, се единствени службен јазик и службено писмо на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи.

 

Во искрениот и отворен разговор, премиерот Заев и членовите на делегацијата на Институтот за македонски јазик разговараа за укажувањата на јавноста во врска со Предлог законот за употреба на јазиците.

При тоа, Претседателот на Владата на РМ посочи дека овој предлог закон ја регулира употребата на немнозинските јазици на локално и, во определени области, на централно ниво. Премиерот Заев укажа на фактот дека законот е обврска од амандманот V од Уставот на Република Македонија донесен во 2001 година, односно пред 16 години, и дека овој предлог закон не е прв од оваа сфера, туку дека доаѓа после Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа од 2008 година и измените и дополнувањата на истиот тој законот од 2011 година. 

 

Со ова законско решение се обезбедуваат правата на помалите заедници во Република Македонија, и, во исто време, ова е последното отворено легалистичко прашање кое произлегува како обврска од Охридскиот рамковен договор.

 

Од делегацијата на Институтот за македонски јазик, на премиерот Заев му беше нагласено дека некои од решенијата во предлог законот имаат терминолошки непрецизности, поради што може да се создадат услови за погрешно толкување на одредбите од предлогот на ова законско решение.

 

Заедничка констатација во овој дел на состанокот во кабинетот на Претседателот на Владата на РМ, е дека е потребно да се направат напори овие семантички отворени прашања да добијат соодветено терминилошко решение во постапката на донесувањето на законот во собраниската расправа и процедура.

 

Премиерот ја прифати поканата од страна на директорката на Институтот за македонски јазик, да биде покровител на втората македонистичка конференција која ќе се одржи во ноември 2018 година.