Владата најави стипендии за студии во странство
Во средината на идниот месец ќе биде објавен конкурс за стипендии за студирање во странство, на некој од првите 100 рангирани универзитети според Шангајската листа и на првите 200 од таа рејтинг-листа од областа на техничките науки.
За оваа одлука на Владата премиерот Никола Груевски денеска рече дека конкурсот е отворен за сите заинтересирани кои своето високо образование сакаат да го стекнат на најреномираните универзитети во светот.
- Владата ќе ги прифати сите кои ќе успеат да се запишат на првите 100 универзитети, односно 200 за техничките науки според Шангајската ранг-листа, и ќе им даде стипендија која ќе биде целосна и ќе ја покрие школарината и останатите трошоци на студентите. Ова е охрабрување за најуспешните и оние кои имаат највисок капацитет, кои веруаат дека можат да бидат прифатени на овие универзитети да се обидат да бидат примени и понатаму трошоците за нивното студирање и престој да бидат целосно покриени од страна на Владата, изјави Груевски одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на Библиотечниот центар за слепи и слабовидни лица.
Премиерот појасни дека студентите претходно ќе потпишат договор дека по завршувањето на студиите ќе се вратат во Македонија за стекнатото знаење да го пренесат работејќи во некоја домашна институција. Ако, пак, решат да останат во земјата во која ќе студираат, корисниците на стипендијата од Владата ќе треба да ја вратат во трикратен износ. Условите за добивање на стипендиите ќе бидат прецизирани во конкурсот што се очекува да биде објавен околу 15 јануари од Министерството за образование и наука.
Тој очекува да има повеќе заинтересирани од минатите години кога интересот беше послаб. - Се надевам дека овојпат поголем број млади лица ќе ја искористат оваа можност бидејќи е добро за развојот на целата држава да имаме повеќе млади луѓе кои завршиле факултет на најависоко рангираните универзитети во светот, истакна премиерот Никола Груевски.