Средба на премиерот Заев со амбасадорот на САД, Бејли: Консултации за 72 Генерално Собрание на Обединетите Нации

Денес претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев се сретна со амбасадорот на САД во земјава Н.Е. Џес Бејли за консултации во однос на престојното 72 Генерално Собрание на Обединетите Нации, кое ќе се одржува во Њујорк од 17 до 23 септември.


На средбата амбасадорот Бејли уште еднаш ги поздрави заложбите и напорите на новата реформска влада, како и успесите постигнати во првите 100 дена, особено во полето на надворешна политика. Тој ги изнесе позициите на Соединетите Американски Држави во однос на Генералното Собрание на ОН и нивните ставови за актуелните глобални прашања на безбедноста и мирот во светот.

 

Дополнително, амбасадорот Бејли ги посочи заедничките предизвици во поглед на борбата против радикализација на насилен ектремизам и тероризам, пролиферација на оружје за масовно уништување како закана за светската безбедност, потребата за заедничка акција за подобрување на човековите права и промоција на дијалогот како средство за разбирање и соработка помеѓу нациите.


Премиерот Заев се заблагодари на честитките и поддршката на Соединетите Американски Држави и потврди дека оваа Влада е цврсто посветена на стратешката цел за членство во ЕУ и НАТО, нагласувајќи дека позициите на меѓународната сцена ќе ги гради во блиска соработка со своите стратешки партнери и пријатели. Тој истакна дека Македонија е силен поддржувач на мултилатерализмот и ќе работи со сите земји членки на Обединетите нации, со цел да се заштитат човековите права, да се подобри безбедноста и да се зачува мирот во светот. Премиерот Заев напомена дека остварувањето на милениумските развојни цели е клучен фактор во градење заеднички просперитет на сите граѓани, во различни делови од светот.