Интервју со министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за МИА
Политичките партии НСДП и СДСМ во Собранието поднесоа интерпелација, незадоволни како што велат од повеќе прашања. Како го коментирате барањето за интерпелација?
- Со ваква опозиција и јас и јавноста се навикнавме на напади и прозивки без основа или поднесување на интерпелации без аргументи. Тие повеќе пати се одлучија на ваков чекор, во услови кога практично и нема реализиран случај во борбата против организираниот криминал во кој што опозицијата не се стави на спротивната страна од институциите кои инсистираат на владеење на правото и застана во одбрана на аргументите на осомничените. Тоа е нивното поимање на правната држава и на борбата против криминалот, што во минатото резултираше со катастрофална репутација за Македонија во меѓународни рамки и срамното 106-то место на кое се најдовме на листите на „Транспаренси Интернешенел“ кога тие раководеа со државата. Тоа ја покажува и нивната инвентивност, како и недостатокот од идеи или проекти кои би можеле да им ги понудат на граѓаните.
Затоа залудно е да се оптоварувам со нивните одлуки и мотиви. За мене е важно тоа што после првите две интерпелации следеа избори на кои граѓаните јасно и недвосмислено и кажаа не на ваквата политика на опозицијата и ги казнија транзициските манипуланти заглавени во 90-тите години од минатиот век.
Чувствувате ли одговорност барем за некои од прашањата кои ги посочуваат пратениците од опозицијата, претходно говореа за степенот на корупцијата односно за недоволната борба против корупцијата?
- Јас чувствувам одговорност пред граѓаните. Со оглед на багажот кој го имаат СДСМ и НСДП, но и односот кој секојдневно го демонстрираат во борбата против криминалот и корупцијата, тешко може искрено и сериозно да се сфатат и третираат нивните обвинувања. Октоподите, пропаднатите штедилници, криминалот со фри-шоповите, шверцот на нафта и цигари се само дела од достигнувањата на актуелната гарнитура во СДСМ и НСДП. Македонија на Црвенковски и на Петковски беше претворена во црна дупка на Балканот каде не постоеја закони.
Во овие пет години успеавме да го вратиме угледот на Македонија, а борбата против криминалот и корупцијата наиде на позитивни оценки од страна на сите меѓународни институции. Каде се во приказнава Црвенковски и Петковски? Се разбира, од другата страна. Црвенковски го амнестираше Заев за криминал тежок 8 милиони евра, а Петковски деновиве учествуваше во протести пред судот за ослободување на лица осомничени за тежок криминал. Мене не ме чуди што тоа не го толкуваат како притисок кон судската власт. Во нивната матрица е врежано дека оние кои работат по нивна партиска директива не подлежат на законите. Добро е што граѓаните ја прочитаа оваа матрица и што во континуитет им велат не ве сакаме повеќе.
Дали според Вас, полициската акција „Кампања“ односно прашањето во врска со прислушувањето на Љубе Бошкоски беше клучно за ваквото барање на опозициските пратеничките групи во Собранието? Влијаеше ли на ваквата одлука и незадоволството на определен број граѓани и за случајот Мартин Нешковски и обвинувањата за постоењене полициска бруталност и надминување на надлежностите?
- Не можам со сигурност да кажам се додека не го видам образложението за најавената интерпелација, но од тоа што досега е соопштено иницијативата на Петковски е инспирирана токму од неговото незадоволство од одговорите кои ги доби во врска со измисленото прислушкување во случајот „Кампања“. Јасно беше дека Петковски ќе мора да се жртвува по налог на неговиот политички ментор и можеби да ја фрли низ вода политичката кариера градена цел живот, но тоа е негова лична одлука која не сакам да ја коментирам. После непромисленото и апсурдно тврдење на Црвенковски дека бил прислушуван, ама за тоа немал докази, беше очекувано дека истиот во игра ќе уфрли некоја марионета за да го одвлече вниманието на медиумите од непријатните прашања кои би следеле. За да не помислат медиумите да прашаат колку е политички одговорно да се пласира вака сериозна теза без никаков доказ, во приказната влета Петковски со тврдење дека осомничениот во случајот „Кампања“ бил незаконски прислушуван, а преку него целата опозиција. Менторот на Петковски веројатно мислеше дека со ваквиот потег ќе заврши целата тема. Сепак тој е пензионер, но Петковски е пратеник кој мора да одговара за своите постапки пред граѓаните и затоа мора да инсистираме целиот случај да излезе на виделина. Јавноста мора да знае дали Петковски заради сопствена промоција и по налог на својот ментор ја злоупотребил својата функција, навредувајќи ги институциите и одговорните лица дека незаконски прислушувале во случајот ?
Затоа ја очекувам собраниската расправа во која на виделина ќе излезат манипулациите на Петковски, без разлика дали тоа ќе значи крај на неговата политичка кариера.
Дали и колкав удел при барањето на интерпелацијата имало убиството на Мартин Нешковски не можам да кажам, но не би ме изненадило и нема да биде прв пат, опозицијата да се обиде да извлече политички поени од ваква трагедија. Впрочем бевме сведоци дека нивните луѓе кои јавноста ги поврзува со атентати и неброени сомнителни и нерасчистени убиства се појавија во прв ред на протестите. Истите оние со кои се поврзува ликвидацијата на Диме Поштарот, кои без истрага ја затворија смртта на Трајан Бекиров и кои не си поднесоа оставки по атентатот на претседателот Глигоров, сега лицемерно се обидуваат да профитираат од настанот. Разликата од тогаш до сега е фактот што случајот е расчистен, а виновникот е на суд. Во собранието неколку пати се расправаше, но не може да се исклучи дека повторно би го актуелизирале прашањето согласно нивната максима, „изманипулирај, искористи и профитирај“.
Како го оценувате настапот на претседателот на собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи и од Министерството за одбрана Тито Петковски, кој од таа позиција побара да се утврди политичка одговорност за вас? Ве обвинува за непочитување на Собранието, пратениците и законите.
- Според мене настапот на Петковски, во најмала рака беше непримерен за човек кој целиот свој работен век го поминал на политичка функција. Иако не можам да го оправдам, се обидувам да го разберам. Лидер е на мала и незабележлива партија и мора да се бори за наклоност кај неговиот ментор. Не знам како поинаку би ги толкувала неговите ставови дека не бил судот тој што ја ценел законитоста на доказите. Следејки ги неговите изјави се добива впечаток дека Петковски живее во друго време. Во време кога судот на партијата одлучувале кој доказ е валиден, а кој не и кој треба да биде осуден, а кој не. Многу е неблагодарно да спорите со ваквото толкување на законите. Се доведувате во опасност да се спуштите на истото ниво и да изгледате несериозно. Кој го почитува Собранието и вољата на граѓаните, најверодостојно кажуваат самите граѓани на избори, а тие шест пати досега рекоа дека манипулациите на опозицијата ниту се нивна воља, ниту пак опција која треба да се поддржи. Впрочем на секое барање на Петковски соодветно одговаравме. Тоа што нему лично не му се допаѓаа одговорите бидејќи не ја поткрепуваа тезата на неговиот ментор е веќе негов проблем. Немам намера да лажам дека имало прислушување или дека министерството располага со докази прибавени со помош на таква истражна мерка за да го спасувам неговиот углед.
Министерке Јанкулоска ги слушнавме и вашите одговори на обвинувањата и реакциите на политичките партии во врска со овој случај, сепак може ли да ни кажете кои истражни посебни мерки беа применети со Бошкоски за време на изборната кампања и како течеше комуникацијата со Комисијата на чие чело е Петковски?
- Комуникацијата подразбира размена на информации во две насоки. Јас можам да говорам само во име на Министерството. Од наша страна се што сторивме беше максимално коректно и согласно законот. За жал целата кореспонденција започна согласно стилот на транзициските политичари со обвинувања без никакви аргументи. Наместо прашање и дијалог се соочивме со обид за уривање на угледот на државните институции дека истите незаконски прислушувале. Дури потоа уследи барањето на кое одговоривме и посочивме дека таква мерка воопшто не е употребена. Петковски продолжи преку одредени медиуми да ја форсира тезата дека и тој и Црвенковски биле прислушувани преку случајот „Кампања“ и побара увид во материјалите. Повторно му укажавме дека може да го посети МВР кога сака, но дека такви материјали не постојат бидејќи неговите тврдења се најобична политичка измислица. Тој повторно манипулираше дека не му било дозволено да влезе во МВР, иако и во јавно објавениот одговор се гледа дека тоа не е вистина.
Во првиот одговор до Петковски точно ги наведовме и броевите на судските наредби за примена на посебни истражни мерки и токму заради тоа информацијата беше класифицирана. Во наредбите се точно опишани и мерките кои му се наложуваат на МВР, како и причините поради кои МВР треба да ги употреби тие мерки. Наместо Петковски да провери дали овие наредби постојат во судот, тој се одлучи подлабоко да навлезе во манипулацијата и да продолжи да ги клевети институциите.
Обвинителството веќе јавно одговори дека сите наредби, докази и примената на посебните истражни мерки се чисти како солза, а судот ги прифати сите докази приложени во постапката.
Претпоставувам дека Петковски контактирал со одбраната во случајот и дека му било укажано дека воопшто не е изведен доказ добиен со прислушување, но веројатно неговата суета не дозволува да ретерира и да им се извини на сите одговорни лица од полицијата, обвинителството и судот кој работеа на овој случај, а кој ги понижи и навреди набедувајќи ги за незаконско прислушување.
Вие сте најдолго прв човек на МВР од независноста на РМ. Се чувствувате ли комотни во една од најжешките министерски фотељи, постојано со обвинувања по разни прашања и повикувања да дадете оставка?
- Факт е дека ја отпочнав шестата година откако раководам со Министерството за внатрешни работи, но не можам да говорам за некаква комоција во позицијата. Не заради обвинувањата и нападите од страна на опозицијата, туку заради начинот на кој што ги гледам и оценувам работите. Комотноста воопшто не е една од категориите со кои се обидувам самата да ја вреднувам мојата работа. Ниту очекував, ниту посакував, ниту пак се надевав на некаква комотност. Верувам дека нема да бидам комотна се до оној момент додека ја извршувам оваа функција. Самата не можам да се помирам со никаква комоција кога знам дека ме чека уште многу работа. Дури и да почне да не фали опозицијата, јас не можам да се опуштам се додека не го исполниме тоа што го ветивме на граѓаните.
Во овие пет ипол години имаше многу моменти кои предизвикаа и радост и гордост, но и тага и разочарување. Се разбира дека особено во тешките моменти ви доаѓа да се прашате што и како понатаму. Сепак, кога работите во интерес на сопствената земја тоа е најсилната мотивација што дава поттик за понатаму. Ја прифатив оваа одговорна позиција бидејќи сметам дека можам да придонесам при спроведувањето на политиките кои граѓаните веќе шест пати по ред ги поддржаа. Кога ги носам одлуките не поаѓам од тоа дали нешто сакам или не сакам, туку дали тоа е добро или лошо и дали можам или не можам да најдам решение за одреден проблем. Верувам дека се уште можам да придонесам на сегашната позиција и мотивацијата за работа за мене и за мојот тим е на високо ниво.
Имате ли слободно време кога се дружите со пријателите, се занимавате да речеме со некое ваше хоби... што најповеќе ве релаксира, може да ве насмее?
- Слободното време, за жал, беше една од првите жртви на функцијата што ја извршувам. Истото веќе и не ми е проблем, бидејќи ретко го имам. Тоа што останува научив повеќе да го ценам и настојувам максимално ефикасно да го искористам со моите најблиски. Уживам во спортот и рекреацијата, скијање во зима или возење велосипед кога временските услови се подобри. Може да ме релаксира добра книга или филм. Насмевката најчесто ми ја измамува некој интересен виц, а во замена за добар виц некогаш може да послужат и безидејните настапи на опозицијата.
Извор: МИА
Новинар: Цветанка Миновска