Средба Шекеринска – Осовски: Поставете пример во регионот, ја имате германската поддршка

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска се сретна со амбасадорот Томас Осовски, ополномоштеник за ЕУ-политики при германското МНР. На состанокот присуствуваа и германскиот амбасадор Томас Герберих и Доротеа Гизелман, соработник во одделот за Европа при германското МНР.


Стана збор за реформските политики на владата, спроведувањето на планот 3-6-9, новиот импулс на добрососедски односи.


Вицепремиерката Шекеринска се заблагодари за поддршката од Германија, како критичен и доверлив пријател, кон Македонија како држава, особено во периодот на продолжена политичка криза. Шекеринска потенцираше дека владата е посветена на исполнување на реформите предвидени во планот 3-6-9, свесна дека по надминувањето на политичката криза граѓаните на Република Македонија очекуваат вистински резултати на полето на владеењтео на правото, борбата со корупцијата, слободата на медиумите, транспарентноста, придвижувањето на државата напред. Меѓуетничките односи се зацврстени, во соседството создаваме пријатели, воспоставена е транспарентност. Во доменот на владеењето на правото ги цениме препораките на Прибе по кои судскиот сектор треба да се реформира – рече Шекеринска.


Амбасадорот Осовски го поздрави ангажманот на владата во спроведувањето на реформите од планот 3-6-9 и го нарече нов старт за земјата, кој е од особено значење за деблокирање на застојот на патот кон ЕУ и НАТО. Амбасадорот рече дека Македонија мора да покаже резултати на полето на владеењето на правото, демократските структури, доброто владеење и борбата со корупцијата.


- ЕУ ќе продолжи со проширувањето. Ја имате поддршката од Германија, и затоа е добро што вашата влада е посветена тие услови да ги исполни. Поставивте план 3-6-9 што е многу позитивно, и свесни сте дека мора да се покаже прогрес – рече Осовски.


Тој го поздрави договорот со Бугарија како важен чекор во унапредувањето на добрососедската политика, и изрази поддршка за разговорите со Грција. Важно е граѓаните да ја вратат довербата во судството, а корупцијата да не остане неказнета – порача Осовски.