Вицепремиерот Анѓушев: Проблемот со Колска е надминат, Владата обезбеди средства за плати, но и за нормална работа на фабриката
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев на новинарското прашање во врска со состојбата во Фабриката за шински возила Колска од Велес и кога ќе биде реализирано најавеното надминување на проблемите во фабриката ги извести медиумите дека проблемот е надминат и дека е изнајдено подолготрајно решение за функционирање на компанијата.
„По вчерашниот штрајк на работниците од Колска, утринава лично бев во фабриката за да се видам со работниците и да им потврдам дека Владата има решение за нивниот проблем, бидејќи очигледно дека некој манипулира и пренесува погрешни информации на работниците. Владата донесе заклучок со кој се обезбедени 15 милиони денари за Колска, со кои не само што ќе се исплатат плати, туку ќе се искористат и за набавка на репро материјал, за да фабриката продолжи да работи. Многу важно за работниците е фабриката да има иднина и да продолжи да работи и функционира, а сето тоа ќе се изведе во рок од 7-10 дена, согласно законските процедури“, одговори вицепремиерот Анѓушев.
Работниците на Колска биле задоволни од она што го слушнале од вицепремиерот Анѓушев, надминати се недоразбирањата и пренесени вистинските информации, по што очекуваат надминување на нивните повеќегодишни проблеми.