Премиерот Заев го прими амбасадорот на Куба Педро Пабло Сан Хорхе: Со особен интерес ја прифаќаме понудата за зајакнување на економските врски со Куба
Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, денеска прими делегација предводена од Неговата Екселенција, амбасадорот на Република Куба, господинот Педро Пабло Сан Хорхе.
Амбасадорот Хорхе, во оваа прилика на премиерот Заев му пренесе честитки од претседателот на Република Куба, господинот Раул Кастро, по повод неговиот избор за претседател на владата на Република Македонија, искажувајќи поддршка за зголемената активност на Република Македонија на полето на надворешната политика и упати официјална покана до премиерот за посета на Република Куба.
„Сакаме да имаме пријатели помеѓу земјите членки на Европската Унија, и поради тоа ја имате нашата поддршка во вашите аспирации за членство во Унијата“ – истакна Неговата Екселенција амбасадорот Педро Пабло Сан Хорхе.
Премиерот Заев ги потенцираше добрите и пријателски односи кои Република Македонија ги има со Република Куба, и дека сѐ уште се негува добрата клима за соработка помеѓу двете држави.
Господинот Заев, во текот на средбата, го запозна амбасадорот со заложбите на новата влада за евроатлантските аспирации на Македонија, како и напорите за изнаоѓање решение за спорот со името кој Македонија го има со соседна Грција.
„За нас Куба е пријател, и мојата порака е, сметајте на нас како на пријател со кој можете да развивате соработка во повеќе општествени сфери“ – рече премиерот Заев во текот на средбата.
Амбасадорот Сан Хорхе, во оваа прилика го замоли премиерот Заев за поддршка од страна на Македонија за иницијативите на Куба во Обединетите нации.
Потврдувајќи ги добрите дипломатски односи, амбасадорот ја искажа подготвеноста на Република Куба да прими македонски инвеститори од прехрамбената индустрија, енергетиката и градежништвото, кои имаат интерес да инвестираат во Куба, со што би се зајакнала економската соработка на двете земји.
Премиерот Зоран Заев, поздравувајќи ја ваквата иницијатива, искажа интерес за повеќе средби во иднина, на кои би продолжила размената на идеи за соработка и нивна реализација.