Владата ја одржа 31 седница: Договорен меморандум за разбирање за рестартирање на Југохром; Одобрен анексот за автопатот Демир Капија Смоквица; Најавени реформите во одредниците 6 и 9 од Планот 3-6-9;

На денешната седница на Владата на Република Македонија, е разгледана и усвоена Информацијата за потребата од потпишување на Меморандум за разбирање со цел придонес во надминување на состојбите поврзани со работењето на Друштвото за производство, трговија и услуги Југохром Алзар во Јегуновце.

Владата на Република Македонија го донесе ова решение со единствена цел – надминување на проблемите во оваа компанија кои доведоа до запирање на нејзиното работење откако нејзината управа не ги обезбеди неопходните еколошки стандарди пропишани за овој тип индустрии. После повеќе средби и разговори меѓу претставници на компанијата, на синдикатот на Југохром, и на граѓанските еколошки организации, донесен е заеднички заклучок дека сите наведени субјекти се заинтересирани за продолжување со работа на компанијата. Управата на друштвото во овој правец изјавува дека е спремна да прибави А – еколошка интегрирана дозвола согласно закон, преставниците на синдикатот исто така ја искажуваат нивната спременост веднаш да се вклучат во процесот на работењето. Од друга страна невладините организации не се противат на повторното рестартирање на работата на комбинатот, по инсталирање на соодветни заштитни филтри и опрема која ќе го спречи загадувањето на животната средина.

Владата на Република Македонија исто така ја искажува својата спремност, преку надлежните органи, веднаш по исполнувањето на условите, да ја издаде еколошката дозвола потребна за продолжување со работа на комбинатот и гарантира дека постапката ќе биде завршена во најкраток можен рок.

Имајќи го во предвид сето погоренаведено, се создаде потреба од потпишување Меморандум за разбирање за надминување на состојбите поврзани со работењето на Друштвото за производство, трговија и услуги Југохром Алзар, што ќе го потпишат управата на компанијата, синдикатот и Владата на Република Македонија.

Како дополнување на оваа одлука, Владата на Република Македонија го овласти Заменик преседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација со економските ресори д-р Кочо Анѓушев, во име на Владата на Република Македонија да го потпише Меморандумот за разбирање со претставниците на управата и синдикатот на Југохром Алзар.

На предлог Министерство за транспорт и врски, Владата на Република Македонија на седницата ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од потпишување на анекс на Договорот за изградба на автопатска делница Демир Капија – Смоквица.

Со Анексот се продолжува времетраењето на Договорот за изградба до 28 февруари 2018 година. Освен продолжувањето на рокот, анексот не предвидува дополнителни средства за  градежните работи што треба да бидат изведени за завршување на автопатот. Градежните зафати се однесуваат на дислокацијата на далноводот на МЕПСО и на изградбата на контролниот центар.

Со продолжувањето на времетраењето на договорот за градежни работи до 28.02.2018 година, ќе се продолжи и времетраењето на договорот за надзор. Согласно првичните пресметки направени од Надзорниот орган, за надзор на градежните работи се потребни околу 850.000 евра, средства кои се обезбедени во рамки на тековниот заем наменет за реализација на проектот.

Со потпишување на Анексот ќе се овозможи завршување и пуштање во сообраќај на новата автопатска делница Демир Капија – Смоквица, како дел од Пан-Европскиот Коридор 10 најдоцна на почетокот на март 2018 година.

 

Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои информацијата за степенот на имплементација на реформските мерки во областа на енергетиката, и донесе одлука за формирање работна група за реализација и следење на активностите од меките мерки за електрична енергија со претставници од Канцеларијата на Претседателот на Владата, Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Министерство за економија, Министерство за финансии, Регулаторна комисија за енергетика, АД МЕПСО, АД ЕЛЕМ и Комисија за заштита на конкуренција.

Во делот на следење на состојбите и напредок во процесот на европска интеграција, Владата го разгледа и усвои Фактографскиот преглед на статусот на имплементација на мерките предвидени во Планот 3-6-9, и ги задолжи сите засегнати министерства и Генералниот секретаријат, да ги прегледаат препораките од Извештајот на групата високи експерти предводена од Р. Прибе и доколку проценат дека дел од препораките не се соодветно адресирани во одредниците 6 и 9 од Панот 3-6-9, да ги дополнат и да ги достават до Секретаријатот за европски прашања најдоцна до 10 октомври оваа година.

Владата на денешната седница го задолжи Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија да се консултира со Кабинетот на Претседателот на Собранието на Република Македонија за моделот за консултација со опозицијата по однос на Планот 3-6-9, и заедно со Секретаријатот за европски прашања да организираат консултативна средба со репрезентативен број на граѓански организации во однос на реалзацијата на Планот 3-6-9.

На предлог на Министерство за финансии, на денешната седница владата ја усвои одлуката за изменување на Одлуката за утврдување на максималниот износ на ново задолжување преку издавање на државни хартии од вредност на домашниот финансиски пазар за 2017 година. Одлуката за задолжување на домашниот пазар е донесена заради тековните поволни услови во споредба со условите на меѓународниот пазар, и заради интересот кај инвеститорите во домашни хартии од вредност.

На денешната седница на Владата на РМ, врз основа на заедничкото мислење на Министерство за информатичко општество и администрација подготвено во соработка со Министерството за финансии и Секретаријатот за законодавство, донесе предлог Уставниот суд на Република Македонија да донесе решение за запирање на постапката за оценување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски текомуникации, усвоена на 21 јуни 2017 година.

Согласно ова мислење членот 175 од Законот за електронски комуникации, воопшто не навлегува во постапката за следење на комуникациите, затоа што според Амандманот XIX од Уставот, само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдена со закон, може да се отстапи од правото на неповредивост на комуникациите. Оттука, според ова мислење усвоено од Владата на РМ, Законот за следење на комуникациите може да биде предмет на оценка во однос на неговата уставност, но не и членот 175 од законот одделно.

Министрите во Владата на РМ, денеска ја усвоија и информацијата во врска со статусот со четвртиот јавен повик за финансирање на проекти во рамки на два инструменти на Фондот за иновации и технолошки развој, со предлог решенија за отворени прашања. Соодветно на оваа одлука Управниот одбор на Фондот ќе објави меѓународен оглас за избор на нови членови на Комитетот за одобрување на инвестиции, и ќе ја започне постапката за повторно доставување на предлог проектите за доделување на средства согласно Законот за иновациската дејност. Со оваа одлука ќе се овозможи пласман на предвидените 90 милиони денари, кои по овој основ ќе бидат распределени на мали и средни претпријатија за одобрените иновативни решенија во нивната работа.

На денешната седница Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за изготвување на Националната стратегија за индустриска сопственост 2016-2018 година  и Акциониот план за спроведување на стратегијата.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои информацијата со предлог-заклучоци за редефинирање на начинот и утврдување на критериумите за наменските и блок дотациите за општините.

На иницијатива на Министерството за здравство, владата го усвои предлогот за нова методологија за изменување на Методологијата за начинот на формирање на цените на лековите, според која Комисијата која одлучува за цените на лековите, наместо два пати годишно, ќе се состанува на еднаш годишно, со што ќе се отстрани непотребната администрација и ќе се намалат трошоците за работата на оваа комисија.

На денешната владина седница е разледана и информацијата за прогресот на проектот „Листа на должници“ за периодот април 2017 - јуни 2017 година и за спроведени законски постапки кај даночните должници од листата.

На предлог на Упрвата за заштита на културното наследство, владата донесе одлука за прогласување на Спомен – куќата на Лазар Личеновски, во Скопје, и Црквата Св. Ѓорѓи Победоносец во с. Младо Нагоричане, во општина Старо Нагоричане, за објекти од културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење.

На денешната седница, владата ја овласти д-р Рената Тренеска Дескоска, министер за образование и наука да ја потпише Декларацијата за намери за основање на Меѓународен институт на Југоисточна Европа за одржливи технологии.