Владата денеска ја одржа 49-та седница преку Видео-конференциска интернет комуникација на која ја донесе програмата за користење на капиталните дотации за финансирање на инвестициони проекти на општините и општините во градот Скопје за 2025 година. Со оваа програма се определува користењето на капиталните дотации за финансирање на инвестициони проекти, односно за инфраструктурни проекти на општините и општините во градот Скопје за 2025 година, во вкупен износ до 15.000.000.000 денари.
Средствата од оваа програма ќе се користат за финансирање на инфраструктурни проекти на општините и општините во градот Скопје, во областа на транспорт, образование и наука, култура, животна средина и просторно планирање, социјална политика, демографија и млади и спорт.
Дополнително, владата донесе и заклучоци во врска со информацијата за користење на капитални дотации за финансирање на инвестициони проекти на општините и општините во градот Скопје за 2025 година и ги задолжи Министерствата за транспорт, животна средина и просторно планирање, образование и наука, култура и туризам, спорт и социјална политика, демографија и млади да ги утврдат критериумите, процедурите и роковите за распределба на капиталните дотации и истите да ги објават на официјалните веб страни.
Времетраењето на повикот за поднесување на апликативни формулари и проектни документации кој ќе го објави Министерство за локална самоуправа е до 30.04.2025 година.