Премиерот Заев на средба со претставници на Комитетот за превенција од тортура на Советот на Европа: Ќе ги промениме состојбите во затворите согласно препораките, но и заради нас, заради нашите граѓани, и угледот на Република Македонија
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, прими делегација на Комитетот за превенција од тортура, предводена од Претседателот на комитетот Микола Гњатовскиј, кој беше придружуван од раководителот на еден од секторите во ова тело на Советот на Европа, Хју Четвинд.
Премиерот Заев, заедно со министрите за внатрешни работи и за правда, Оливер Спасовски и Билен Саљији, како и со заменик министерот за правда Оливер Ристовски и директорот на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ, ги запознаа претставниците на Комитетот за превенција со сите активности што ги презеде новата влада за реформи во сите одделни сегменти на системот за спроведување истраги, на мерката притвор, како и на судските процеси и во делот на извршување на затворските санкции, во кои досега се констатирани забелешки за тортура, злоупотреба на овластувања и нехуман однос на претставниците на институциите кон осомничените или осудените лица.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, ги информираше членовите на Комитетот за превенција од тортура, дека неговата неодамнешна посета на најголемата казнено-поправна установа во земјата, затворот Идризово, беше поттикната од желбата лично и на лице место да се запознае со сите сериозни забелешки за условите и за третманот на затворениците што ги констатираа и на кои предупредуваат со години наназад домашните и меѓународните организации што ги мониторираат овие области.
- Во соработка со институциите надлежни за оваа сфера, и особено со граѓанските организации и независните институции за човекови права, какви што се Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет за човекови права, ги поставивме приоритетите и роковите. За некои од нив се договоривме да ги решиме уште во првите шест месеци од нашиот План 3-6-9, и ние нема да отстапиме од овие одредници – рече премиерот Заев на средбата со Микола Гњатовскиј и Хју Чедвинд од Комитетот за превенција од тортура, и додаде дека Владата на Република Македонија и надлежните министерства и управи ги имаат предвид и препораките од извештаите на ова тело на Советот на Европа.
Претседателот на Комитетот Микола Гњатовскиј, му оддаде признание на премиерот Заев за првите позитивни чекори и мерки за промени во истражните и затворските постапки и процедури во Република Македонија, и му пренесе дека посетата на премиерот на затворот Идризово, и изјавата после посетата, биле исклучително позитивно примени во Стразбур.
- Гледаме дека имате јасна претстава што ви претстои и што треба да се направи. За нас во комитетот во Стразбур е многу важно да воспоставиме и да го одржуваме отворениот дијалог и соработка за овие прашања, особено заради искуството со претходната владина гарнитура која не исполни ниту едно од ветувањата и не имплементираше ништо од нашите препораки кои произлегоа од загрижувачките услови во затворските институции, како и во постапките на полицијата – забележа Претседателот на Комитетот за превенција од тортура.
Микола Гњатовскиј ги информираше премиерот, министрите и другите на средбата, дека заради односот на претходната влада, Република Македонија во март оваа година била соочена со можноста да добие така наречена „Јавна изјава“, која на препорака на Комитетот ја испорачува Советот на Европа на земјите што одбиваат да соработуваат или континуирано одбиваат да ги имплеменираат препораките на ова тело со што се ставаат во редот на земјите што не ги почитуваат човековите права. Ваква „Јавна изјава" досега им била испорачана на 7 европски земји.
Претседателот на Владата на Република Македонија Заев, и министрите Спасовски и Саљији, нагласија дека новата влада нема да дозволи Република Македонија да биде прикажана во ваква светлина заради неодговорниот однос на претходниот владин состав.
- Ние ќе ги промениме овие состојби и ќе ги спроведеме препораките на Комитетот. Со тоа ќе им дадеме причина на делегатите во Советот на Европа дека Република Македонија не заслужува таква слика за неа. Нам ни се исклучително важни стандардите на Советот на Европа во однос на човековите права и оваа влада нема да направи ништо за да ги наруши. Но, нам исто толку ни се важни овие реформи заради нас, заради нашите граѓани – истакна премиерот Заев на средбата со Миколај Гњатовскиј, Претседател на Комиетот за превенција од тортура.
Средбата на премиерот Заев и на владините министри за внатрешни работи и за правда, се остварува како редовна пракса на Комитетот за превенција од тортура на Советот на Европа, пред објавување на редовниот годишен извештај кој оваа година се очекува во ноември.