Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска денес учествуваше на Втората министерска конференција за транспорт и бизнис форум која се оддржува во Варшава, Полска.
На Конференцијата на која присуствуваат министрите за транспорт од земјите од Централна и Источна Европа и Кина, се разговара за развојните стратегии во насока на реализација на инфраструктурните и транспортни проекти и нивното регионално значење.
Во своето обраќање министерката задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска ја нагласи потребата од изградба и модернизација на Коридорите 8 и 10, како најважни транспортни врски со земјите од Централна и Југоисточна Европа.
Министерката Апостолска ги претстави инфраструктурните проекти што ги реализира Владата на Република Македонија за развој на Коридорите 8 и 10, како и активностите за унапредување на поврзаноста со регионот и земјите од Европската Унија. Воедно министерката Апостолска ги образложи мерките што ги презема Владата на Република Македонија во насока на изградба на модерен, безбеден и интегриран транспортен систем прилагоден на потребите за економскиот развој на земјата.
“Во моментов сме фокусирани на изградба на нови автопатишта и патишта, нови железнички пруги како и реконструкција и модернизација на старите. Република Македонија е земја опкружена со копно и главниот поморски пристап се пристаништата во Грција, од тој аспект Коридорот 10 е стратешки многу важен бидејќи нajголем дел од стоките што доаѓаат од странство се транспортираат главно низ овој Коридор, затоа неговата функционалност е од суштинска важност.
Исто така имајќи предвид дека железничките врски што недостасуваат создаваат потенцијални тесни грла, стратешката цел на Владата на Република Македонија е финализирање на оската Исток-Запад, конкретно железничките делници на Коридорот 8, што е заеднички приоритет за сите земји во регионот, а кој ги поврзува транспортните текови од Јадранското и Јонското Море во Европа со Црното Море и Азија”, истакна министерката Апостолска.
Конференцијата се организира во рамки на процесот Кина 16+1 и на истата денес и утре ќе се презентираат стратегии и проекти за дополнително поврзување на земјите од Централна и Источна Европа со поддршка на фондови од Народна Република Кина, а во пресрет на Самитот на претседатели на влади и држави што ќе се оддржи во ноември годинава во Будимпешта.