Премиерот Заев на регионалната економска конференција во Будва: Со активната соработка меѓу земјите од регионот овозможуваме квалитетен живот за нашите граѓани и напредок кон ЕУ и НАТО

 

„Целиот регион мора да оди напред, кон ЕУ и НАТО, а само ако регионот ја унапреди соработката може да ги оствари овие стратешки цели. На крајот сè се сведува на економија, дури и нашето членство во ЕУ и НАТО“, рече меѓу другото, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на регионалната „Економска конференција на Црна Гора 2017 – предизвици на патот кон ЕУ“ што се одржува во Будва.

Премиерот Заев посочи дека е важна успешната соработка помеѓу државите, бидејќи само заедно, како поголем економски пазар, можат да бидат поатрактивни за меѓународната економска и бизнис заедница.

„Мора заедно да ја испраќаме пораката во нашите држави дека многу работи зависат од нас. Преку размена на искуствата, мобилност, квалификувана работна сила, политичката клима на соработка, соработката на коморите, искоренувањето на корупцијата праќаме силен сигнал дека овој регион може да биде атрактивно место за инвестирање“, додаде премиерот Заев.

 

„Сите сакаме да бидеме членки на ЕУ и на НАТО, пред се поради квалитетот на живот на нашите граѓани. Да работиме заедно кон оваа цел“, повика меѓу другото премиерот Заев на економската конференција во Будва.

На конференцијата е констатирано дека раководствата на земјите од регионот се среќаваат 7-ми пат за неколку месеци, што не се случило никогаш досега.

Оценето е дека Берлинскиот процес ги дава резултатите, затоа што само низ инфраструктурна, комуникациска соработка, е можно да се постигне и поактивна економска соработка, којашто е важна за сите земји од регионот.

Сето ова, како што констатираат сите дискутанти кои говорат, премиери и високи владини претставници на земјите од Западен Балкан е важна порака колку регионот е зрел и свесен дека само силната и цврста соработка го носи регионот поблиску кон стратешките цели на државите, Европската унија и НАТО.

Патот на земјите од Западен Балкан кон ЕУ и НАТО е заеднички, со своите соседи, согласни се учесниците на регионалната „Економска конференција на Црна Гора 2017 – предизвици на патот кон ЕУ“ што се одржува во Будва.