Анѓушев и Бектеши на средба со Љајиќ: Владите на Македонија и Србија да работат на отклонување на бариерите за побрз транспорт на стоки
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и министерот за економија м-р Крешник Бектеши во рамките на Економската конференција: „Предизвици на патот кон ЕУ“, која се одржува во Будва, остварија билатерална средба со Расим Љајиќ, Заменик претседател и министер за трговија, туризам и телекомуникации во Владата на Република Србија.
Вицепремиерот Анѓушев истакна дека намерата на Европската Унија е зајакнување на регионалната соработка на земјите од Западен Балкан и дека Владите од овој регион мора да покажат посветеност за оваа намера да стане реалност.
„Клучно за меѓусебната соработка е зајакнувањето на трговската соработка и транспортот. На никого не му одговара камиони со стока да чекаат со часови на гранични премини помеѓу две соседни земји. Треба да работиме да воспоставиме систем на поголема доверба и сертификати признаени од двете земји и меѓународните институции за побрз и беспрекорен проток на стоки“, потенцира Анѓушев.
Вицепремиерот Љаиќ иницираше идеја за заеднички настап на Република Македонија и Република Србија во областа на туризмот, со креирање на заеднички туристички пакети кои би се понудиле во трети земји, со цел зголемен обем на туристи и посета на дестинации во двете земји.
Оваа иницијатива беше прифатена од страна на министерот Бектеши, кој изрази подготвеност за интензивирање на меѓусебната соработка, а воедно најави дека очекува двете земји да потпишат договор за соработка во областа на туризмот на електронските пазари.
Соговорниците се согласија дека економската соработка во соседните земји мора да продолжи да се развива и дека ќе бидат посветени во отклонувањето на бариери за поефикасен и поефективен транзит на стоки на граничните премини.