Средба на премиерот Заев со црногорскиот премиер Марковиќ: Македонија, Црна Гора и БиХ прават уште еден чекор напред во соработката, отворање авиолинија на релација Скопје – Подгорица – Сараево и обратно

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од владината делегација, заменик претседателот на владата за економски прашања, Кочо Анѓушев и министрите за економија, Крешник Бектеши и за образование, Рената Треневска Дескоска, имаше синоќа во Подгорица билатерална средба и работна вечера со претседателот на Владата на Република Црна Гора, Душко Марковиќ.

По средбата, двајцата премиери објавија дека Република Македонија, Република Црна Гора и Република Босна и Херцеговина прават уште еден чекор напред во регионалната соработка преку прифаќање на иницијативата на премиерот Заев, за реализација на идејата за авионска линија на релација Скопје – Подгорица – Сараево.

- Двете земји имаат само перспективи пред себе, без ниту едно отворено прашање. Она што е важно, поставуваме соодветни чекори што само ќе ја јакнат соработката меѓу нашите две земји. Во тоа име, сакам да објавам дека е усогласен текст помеѓу Република Македонија, Република Црна Гора и Република Босна и Херцеговина, заедно со нашите кабинети, и ние како претседатели на владите, текст што ќе биде испратен до сите авионски компании, што работат овде во овој регион, за да испратат понуда за воспоставување авионска линија на релација Скопје – Подгорица – Сараево и обратно, за да можеме ова важно прашање конечно да го решиме. Веруваме дека сето тоа ќе овозможи нови економски перспективи, но и на секаков друг вид соработка, туристичка, културна соработка, соработка во областа на спортот, на образованието и од сите други аспекти на секојдневниот живот на граѓаните, рече во изјавата премиерот Заев.

Црногорскиот премиер Марковиќ исто така го потврди интересот на Владата на Република Црна Гора ова прашање да се реши. Тој се согласи дека земјите немаат отворени прашања и дека тоа овозможува развој на односите.

Двајцата премиери, на Македонија и на Црна Гора, констатираа дека интензивирањето на соработката во регионот ги отвора евро-атлантските перспективи за државите. Црногорскиот премиер Марковиќ рече дека Република Црна Гора го поддржува членството на Република Македонија во НАТО, кое што нашата држава го заслужува.