Анѓушев и Бектеши со иницијативи за продлабочување на економската соработка на средбата со црногорската министерка за економија Секулиќ

 

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и министерот за економија м-р Крешник Бектеши на маргините на Економската конференција: „Предизвици на патот кон ЕУ“, која завршува денеска во Будва, остварија билатерална средба со министерката за економија на Република Црна Гора, Драгица Секулиќ.

На средбата се разговараше за начините за продлабочување на економските односи меѓу двете земји во сите области, меѓу кои и слободно движење на добра, услуги, луѓе и капитал, зголемување на бројот на туристи меѓу двете земји, зголемена соработка во енергетскиот, транспортниот и земјоделскиот сектор.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека е неопходно што поскоро воспоставување на директни авионски линии со Подгорица и со градовите во регионот, како и подобрување на патната инфраструктура, што ќе обезбеди побрз проток на стоки и засилена комуникација на деловниот сектор и туристите, а со тоа ќе се отворат и нови економски перспективи, зајакнување на културната и соработка во областа на спортот, на образованието и сите други аспекти на секојдневниот живот на граѓаните.

„Ние сме мали држави и треба меѓусебно да соработуваме и да си помогнеме, да се обединиме за заеднички настап на трети пазари и да работиме на раст на економиите во сите земји од регионот, бидејќи само на тој начин ќе придонесеме во отворање на  евро-атлантските перспективи за државите“, истакна Анѓушев.

Министерот Бектеши ја истакна потребата Договорот за соработка во областа на туризмот меѓу двете земји, потпишан во 2009 година да почне да се имплементира и економиите на двете земји да ги почувствуваат ефектите од туристичката соработка и  во пракса, преку зголемување на бројот на туристи, за кој е сосема реално да ја  достигне бројката која овие земји ја бележеа во поранешна Југославија. За овој Договор, но и за останатите иницијативи министерот Бектеши предложи да се разговара во рамки на Мешовитиот комитет кој треба да се одржи најдоцна во првиот квартал на идната година, по кој повод упати покана на министерката Секулиќ за официјална посета на Македонија.  

„Од клучно значење е реализацијата на овие договори за соработка со сите земји од регионот за да не дозволиме тие да останат на хартија, туку активностите за кои нашите земји се договориле да се спроведат во пракса. На крајот на годината сите ќе сме задоволни ако регистрираме поголема посетеност на туристите, бидејќи тоа ќе значи поширока економска придобивка, бенефит за сите земји од регионот“, рече Бектеши.

Црногорската министерка Секулиќ истакна дека отвореноста на економиите е една од клучните вредности на земјите од регионот, изразувајќи интерес на нејзината земја за предложените иницијативи од македонските колеги. Според Секулиќ, инфраструктурата, економскиот раст, енергетиката и туризмот се областите во кои двете држави треба тесно да соработуваат.