Премиерот Заев од Виенскиот економски форум: Очекуваме јасен патоказ за пристапниот процес на Македонија со почеток на преговорите во јуни 2018

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска учествуваше на Виенскиот економски форум „Дијалог за иднината 2017“ кој што се одржува во Виена, Р. Австрија. Премиерот Заев имаше обраќање на панелот на тема „Регионалната соработка како дел од европските интеграции“.

„Големо е задоволството да се учествува на Виенскиот економски форум. Станува збор за многу важен собир, преку кој на ефективен начин разменуваме идеи и размислувања за регионалната соработка како дел од европските интеграции, но изнаоѓаме и начини за зајакнување на интеракцијата помеѓу бизнисот и политиката во корист на граѓаните и компаниите“, го започна премиерот Заев своето обраќање пред присутните гости и учесници на форумот.

Премиерот Заев рече дека Владата на Република Македонија што тој ја предводи, иако сè уште го носи префиксот нова, е фокусирана на градење на едно општество за сите и обезбедување на услови за квалитетен живот за сите граѓани. Во таа насока, премиерот Заев порача дека напорите на владата се фокусирани на создавање на стабилна економска клима и кредибилен партнерски однос со бизнис заедницата.

„Мала економија како нашата потребно е да биде успешно интегрирана во регионалните и светските економски текови“,  истакна премиерот Заев.

Како сериозен исчекор што владата го направи кон исполнување на оваа цел, премиерот Заев посочи на Планот за економски раст за којшто рече дека овозможува значајна поддршка за нови домашни и странски инвестиции со еднаков третман, како и поддршка за развојот на домашните мали и средни претпријатија. 

„Еден од најважните елементи во напорите на Владата на Република Македонија за обезбедување на одржлив економски раст, е да го осигура започнатиот прогрес на земјата во интеграциите во ЕУ и НАТО. Република Македонија ги споделува европските вредности. Наредните чекори што ги преземаме ќе значат конкретно исполнување на европските стандарди“, истакна премиерот Заев.

Премиерот Заев дополни дека Европската Унија е најголемиот инвеститор во Република Македонија со кој имаме најголема економска размена, и дека правецот во кој ќе се движат предвидените реформи се согласно европските пракси, политики и стандарди.

„Нашата влада покажа силна мотивација и заложба да ги исполни критериумите за членство во Европската Унија, да ги спроведе потребните реформи и да ги затвори отворените прашања. Видливи се и потврдени првите резултати од реформскиот процес, имавме фер, слободни демократски локални избори, подготвени се реформите за медиумите и отворени за дебата, исклучително важните реформи во судството се најавени и ќе бидат имплементирани според препораките на експертската група предводена од г-динот Рајнхард Прибе, министерството за финансии работи на воспоставување транспарентно долгорочно буџетирање и многу други реформски процеси се во тек“, нагласи премиерот.

Пред присутните гости и учесници на форумот, премиерот Заев особено ја нагласи определбата на владата да гради добрососедски релации и регионална соработка како врвен приоритет и стратешка цел во процесот на европските интеграции на земјата.

„Клучна цел на нашата влада е да изградиме нов дух во односите со нашите соседи. Мора да бидеме искрени и да си признаеме дека ова не е лесна задача. Потребна е цврста политичка волја. Но дозволете ми да ве уверам, дека ние сме одлучни да го осигураме тоа што е потребно, а тоа е силна и цврста политичка волја. Успеавме да постигнеме резултати по ова прашање, преку отворен дијалог за незатворените прашања и константни напори да градиме мостови на соработка базирана на заедничка доверба и почит“, потенцираше премиерот Заев.

Во насока на зголемување на регионална соработка, премиерот Заев истакна дека Берлинскиот процес е многу важен и во тој контекст порача дека земјите од регионот мора да напредуваат кон исполнување на неколку приоритетни цели како што се инфраструктурното поврзување, нови инвестиции и отстранување на пречките за трговија и бизнис, како и зголемување на видливоста на предностите и користа за граѓаните што ги овозможува членството во ЕУ и НАТО.

„Важно е регионот да биде вклучен во европската агенда за поврзување во транспортот и енергетиката. Тоа е причина плус зошто земјите од Западен Балкан го потпишаа Договорот за транспортна заедница“, посочи премиерот.

Премиерот Заев рече дека земјите од регионот треба да го искористат огромниот потенцијал од 20 милиони купувачи што го овозможува европскиот пазар и во тој правец важно е и отстранувањето на пречките за водење бизнис помеѓу земјите од регионот, со прилагодување на даночните и правни системи согласно европските стандарди.

„Наш следен важен чекор во нашата агенда за регионална соработка е спроведувањето на Акцискиот план за регионална економска зона. Активностите поврзани со дигиталната агенда се пример којшто ја следи европската стратегија и приоритетите на Унијата: дебатата за концептот на Дигиталниот Самит 2018 во Македонија започнаа, и се договоривме за важните аспекти. Македонија ќе биде домаќин на претстојниот Самит 2018 во Скопје“, соопшти премиерот.

Тој истакна дека Европската Унија сериозно демократски и економски инвестира во регионот и од тие причини посочи дека е вистинско време да се круниса таа инвестиција со комплетиран ЕУ и НАТО интеграциски процес на целиот Балкан, дека е создадена поволна средина за проширување на ЕУ, пораките се позитивни и исклучително значајни во услови кога Европската Унија се соочува со сериозни предизвици.

„Стратегијата за ЕУ проширување којашто ќе биде најавена од претседателот Јункер во февруари, 2018 година и Самитот на Западен Балкан во Софија, мај 2018 година се круцијални за осигурување на европската иднина за Македонија. Очекуваме јасен патоказ за пристапниот процес на Македонија. Ниту една од земјите не треба да биде оставена. Прв клучен чекор треба да биде датум за почеток на пристапните преговори до јуни 2018 година врз основа на резултатите што ќе ги постигнеме во реформскиот процес преку спроведување на реформскиот план 3-6-9. Европа е економски и политички посилна. Сите заедно треба да го искористиме овој нов моментум“,  порача премиерот Заев на крајот од своето обраќање на Виенскиот економски форум „Дијалог за иднината 2017“.