Премиерот Заев ги поздрави заложбите на професорскиот пленум за враќање на автономијата на Универзитетот
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерката за образование и наука, Рената Дескоска, денеска остварија средба со претставници на професорскиот пленум.
На средбата, претставниците на пленумот ги презентираа решенијата содржани во предлогот на законот за високо образование, изработен од страна на професорите, членови на пленумот.
Премиерот, споделувајќи искуства од примери и модели на високо образование од водечките земји членки на Европската Унија, во текот на средбата, ги охрабри претставниците на професорскиот пленум да бидат гласни и да продуцираат кредибилни идеи и дебати за подобрување на образованието во Република Македонија, како и да ги одржат силни иницијативите за демократските капацитети на размислување.
Претставниците на професорскиот пленум во текот на средбата, истакнаа дека нивниот предлог овозможува реално да се согледаат приоритетите за иднината на високото образование.
Премиерот Заев ги поздрави заложбите на пленумот за враќање на автономијата на Универзитетот, и се согласи дека тоа треба да биде врвен приоритет кој ќе придонесе кон поквалитетно високо образование.