Премиерите на Република Македонија и Словенија Заев и Церар: Нашите две земји делат исти вредности и сакаме идната година да отпочнат пристапните преговорите на Република Македонија за членство во ЕУ
Премиерите на Република Македонија и Република Словенија, Зоран Заев и Миро Церар, одржаа заедничка прес конференција и одговараа на повеќе прашања од интерес на медиумите за официјалната посета на владината делегација на Република Македонија на Република Словенија.
Премиерот Заев во своето обраќање пред словенечките медиуми, истакна дека односите меѓу Република Македонија и Република Словенија се пример за пријателство и дека тоа пријателство и срдечните односи се изградени на солидните темели на взаемното длабоко познавање и на меѓусебна почит меѓу народите на двете земји, како и на заедничкото препознавање на вредностите што нè поврзуваат.
Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, потенцираше дека и Република Македонија и Република Словенија постојано ги истражуваат и им даваат шанса на сите можности за продлабочување на оваа соработка.
- Една таква можност која има големи потенцијали е превземањето на претседавањето на Процесот за соработка во Југоисточна Европа од страна на Република Словенија. Изразувам најискрени честитки за овој настан и за сите иницијативи што ќе произлезат од овој процес. Сигурен сум дека Словенија ќе внесе нова динамика во него. Од Република Македонија ја имате целосната поддршка – истакна премиерот Заев.
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев на темата за аспирациите на нашата земја во ЕУ и НАТО истакна дека во Владата на РМ постои цврсто втемелена согласност, дека додека ги спроведуваме консолидирачките и реформските процеси во земјата, со иста енергија и фокусираност пристапуваме и кон градењето на нашите односи со соседите, со земјите во регионот, како и со нашите стратешки определби да ја удвоиме брзината на процесите за членство во НАТО и ЕУ.
- Ова за нас е посебно значајно, посебно во период кога темата за проширување на ЕУ не е приоритетна тема во некои земји членки. Од тој аспект, уверени сме и имаме големи очекувања дека Словенија ќе биде меѓу најгласните и најсилните поддржувачи на веќе зајакнатата меѓународна поддршка за Република Македонија за остварување на нашите ЕУ и НАТО аспирации. Сакаме и очекуваме Македонија да биде 30-та членка на НАТО. – нагласи премиерот Заев пред претставниците на словенечките медиуми.
Во однос на регионалната соработка, како еден од предусловите за практикување на добрите политики на Република Македонија, премиерот Заев ги издвои проектите од Берлинскиот процес, особено заради нивниот прагматичен пристап и фокус на вмрежување, транспорт и регионална соработка, кои ги вратија на агендите на земјите од Западен Балкан процесите со кои се создаваат услови за обезбедување на европските стандарди.
- За Република Македонија од голема важност е да продолжат иницијативите за регионално поврзување во патната и железничката инфраструктура, како и реализацијата на Регионалната економска област. Учествуваме активно во овој процес: Дадовме иницијатива, заедно со претседателите на владите на Босна и Херцеговина и Црна Гора, за заедничка регионална авио-линија Скопје-Подгорица-Сараево со која сакаме да го поврземе регионот и да овозможиме поголема мобилност за луѓето – потенцираше на прес конференцијата премиерот Заев.
Во продолжение на своето обраќање пред словенечката јавност, премиерот Заев ја изрази благодарноста кон Република Словенија во име на владата и во име на граѓаните на Република Македонија за континуираната поддршка за забрзано членство во ЕУ и НАТО, како и за поддршката на Република Словенија во надминување на предизвиците во текот на мигрантската криза со мисијата во која учествуваа припадници на словенечката полиција, кои работеа рамо до рамо со колегите во Македонија, кога заедно ја обезбедуваа јужната граница на Република Македонија.
Премиерот Заев и на прес конференцијата упати отворена покана до Претседателот на Владата на Република Словенија Миро Церар да дојде во официјална билатерална посета во Република Македонија.
Претседателот на Владата на Република Словенија Миро Церар, на прес конференцијата по повод официјалната посета на владината на делегација на Република Македонија, истакна дека оваа посета го потврдува традиционалното и искрено пријетелство меѓу двете земји, кое симболично и реално беше започнато пред 25 години кога двете земји, токму меѓу себе ги воспоставија првите дипломатски односи во нивните меѓународни односи како самостојни држави.
Пемиерот Церар истакна дека во интерес на ЕУ и на Словенија е Македонија, како стабилна и безбедна земја, да се приклучи колку што е можно побргу кон ЕУ и НАТО.
- Посакуваме веќе следната година да опточнат пристпаните преговори на Република Македонија со ЕУ, и во таа насока сме подготвени да ги помагаме и поддржиме реформите што земјата ги спроведува на планот на евро-атлантските аспирации – истакна премиерот на Словенија Миро Церар на заедничката прес конференција со премиерот Заев.
Двајцата премиери изразија согласност дека двете влади ќе настојуваат да се создадат иницијативи за дополнително интензивирање на стопанската соработка, како и на планот на развојните политики на Република Македонија.
Обраќање на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на заедничка прес конференција со Претседателот на Владата на Република Словенија, Миро Церар, 13 ноември 2017, Љубљана
Почитуван Претседател на Владата на Република Словенија, господине Миро Церар, почитувани министри во Владата на Република Словенија, почитувани претставници на медиумите,
Дозволете ми на почетокот да му честитам на господинот Пахор за новиот мандат за претседател на Република Словенија.
Дозволете ми, во мое име, и во име на делегацијата на Република Македонија, на почетокот на ова мое обраќање, да го изразам, огромното, искрено задоволство, од оваа наша посета и од можноста да се сретнам со мојот колега, премиерот Церар, како и со членовите на словенечката влада.
Задоволството е дотолку поголемо бидејќи се среќаваме со искрени пријатели, пријатели кои секогаш, во сите ситуации, и во добро и во лошо, имаа дадено поддршка кон Република Македонија.
Односите меѓу Република Македонија и Република Словенија се пример за пријателство. Нашето пријателство и срдечните односи се изградени на солидните темели на взаемното длабоко познавање и на меѓусебна почит меѓу нашите народи, како и на заедничкото препознавање на вредностите што не поврзуваат.
Добрите пријатели, добро се познаваат, и ги познаваат потребите и капацитетите на другиот. Досега постигнавме многу, во многу области, и посебно во делот на економските и трговските релации. Минатата, 2016 година трговската размена беше 205 милиони евра, а до август 2017 имаме 144 милиони. Можеме и повеќе.
Во овој период, на ова поле, се отвораат и нови врати, нови можности.
Една таква можност која има големи потенцијали е превземањето на претседавањето на Процесот за соработка во Југоисточна Европа од страна на Република Словенија. Изразувам наијискрени честитки за овој настан и за сите иницијативи што ќе произлезат од овој процес. Сигурен сум дека Словенија ќе внесе нова динамика во него. Од Република Македонија ја имате целосната поддршка.
Почитувани пријатели на Република Македонија,
Од една страна, Владата на Република Македонија е сеопфатно посветена на тешките институционални реформи кои треба да ја вратат државата на демократски патеки, да го подобрат владеењето на правото и да ги забрзаат евро-атлантските интеграции. Тоа е нашиот предизвик на домашен план.
Во исто време, во владата што ја предводам постои цврсто втемелена согласност, дека додека ги спроведуваме консолидирачките и реформските процеси во земјата, со иста енергија и фокусираност пристапуваме и кон градењето на нашите односи со соседите, со земјите во регионот, како и со нашите стратешки определби да ја удвоиме брзината на процесите за членство во НАТО и ЕУ.
Проектите од Берлинскиот процес, особено заради нивниот прагматичен пристап и фокус на вмрежување, транспорт и регионална соработка, ги вратија на агендите на земјите од Западен Балкан процесите со кои се создаваат услови за обезбедување на европските стандарди. За Република Македонија од голема важност е да продолжат иницијативите за регионално поврзување во патната и железничката инфраструктура, како и реализацијата на Регионалната економска област. Учествуваме активно во овој процес: Дадовме иницијатива, заедно со претседателите на владите на Босна и Херцеговина и Црна Гора, за заедничка регионална авио-линија Скопје-Подгорица-Сарајево со која сакаме да го поврземе регионот и да овозможиме поголема мобилност за луѓето.
Ова за нас е посебно значајно, посебно во период кога темата за проширување на ЕУ не е приоритетна тема во некои земји членки на Европската Унија.
Од тој аспект, уверени сме и имаме големи очекувања дека Словенија ќе биде меѓу најгласните и најсилните поддржувачи на веќе зајакнатата меѓународна поддршка за Република Македонија за остварување на нашите ЕУ и НАТО аспирации.
Сакаме и очекуваме Македонија да биде 30-та членка на НАТО.
Нашите задачи и обврски ги реализираме интензивно. Се надеваме дека тоа е добар сигнал да го зајакнеме дијалогот со ЕУ во 2018 во однос на стратегијата за проширувањето. Искрено се надеваме и очекуваме дека за време на бугарското и австриското претседавање со ЕУ наредната година, фокусот ќе биде на регионот и посебно на Република Македонија. Ние работиме на реформите за да ги постигнеме стандардите на ЕУ и очекуваме да ги започнеме преговорите за членство во 2018 година.
Почитуван премиер Церар, почитувани пријатели на Република Македонија,
Дозволете ми уште еднаш да ја изразам својата благодарност и благодарноста на народот во мојата земја, до Словенија за континуираната поддршка за забрзано членство во ЕУ и НАТО.
Сакам да се заблагодарам и за поддршката на Република Словенија во надминување на предизвиците во текот на мигрантската криза. Словенија обезбеди донации во технички материјали, но пред сѐ ни испрати припадници на словенечката полиција, кои работеа рамо до рамо со колегите во Македонија. Заедно ја обезбедуваа јужната граница на Република Македонија. Досега се испратени 16 контингенти, преку 150 полицајци. Утре ќе го имам тоа задоволство и лично да им се заблагодарам.
Упатувам благодарност и за позитивниот пристап и политики на Словенија кон македонската заедница во вашата земја. Овој пристап, како суштински, се препознава и во можноста за дополнително учење на македонскиот јазик кое е финансирано од словенечкото министерство за образование.
На крајот, дозволете ми и тука пред вас, пред словенечката јавност, уште еднаш да му ја упатам поканата на Претседателот на Владата на Република Словенија Миро Церар да дојде во официјална билатерална посета во Република Македонија.
Благодарам.
Одговор на Претседателот на Влада на РМ на новинарско прашање во однос на проблемот кој Република Грција го има со името на нашата земја, даден по средбата со премиерот на Република Словенија, Миро Церар
„Ова е навистина актуелно прашање и во Македонија. Логично беше по завршувањето на локалните избори, да се направи нов обид за решавање на овој суштествен или чувствителен проблем, кое што го има Република Грција со нашето уставно име, а коешто е истовремено пречка за нашите интегративни процеси. Процесите веќе почнуваат, на 20 или 21 Ноември очекуваме да се направи првата средба помеѓу преговарачите од двете земји, со медијаторот Метју Нимиц.
Во ноември очекуваме тие преговори да се интензивираат.
Ние во Македонија се обидуваме да изградиме национален консензус, сите, Претседателот на државата, Владата, опозицијата, но во функција на наоѓање решение, а не на негово одложување.
Навистина градиме пријателски односи и со Република Грција. И во ваква пријателска атмосфера, јас верувам лично, искрено, верувам дека може да се најде решение и на ова горливо прашање.
Македонија влегува во обид кој што се надевам дека ќе биде последен, со конечна цел, решавање на проблемот кој што Грција го има со нашето уставно име.“