Премиерот Заев: Владата е искрено и силно определена да го негува и да го унапреди македонскиот јазик, вечниот паметник на нашето постоење како народ
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска имаше свое обраќање на Меѓународната научна конференција „Минатото на јазичниот свет денес и утре“ по повод отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Премиерот Заев, кој е покровител на оваа научна конференција, во своето обраќање истакна:
На споменикот на великанот на македонското теоретско – јазичко и песничко творештво, нашиот Блаже Конески, поставен пред Македонската академија на науките и уметностите, не случајно стојат неговите зборови: “Јазикот е мојата татковина“. Тоа го знаеле генерациите пред нас. Тоа го знаеме ние, денешните генерации. Тоа наследство, јазикот, самосвеста за неговата закрила, како кров над нашите глави, и обврската да го сочуваме и унапредуваме, достојно ќе ги предадеме и на генерациите по нас.
Затоа, во мое име и во име на Владата на Република Македонија, овде пред вас уште еднаш ќе испратам јасна порака, дека новата Влада, искрено и силно е посветена да го негува и да го унапреди македонскиот јазик, вечниот паметник на нашето постоење како народ.
Мотивирани сме од вербата во знаењата на Конески, но и од духовната упорност на браќата Свети Кирил и Методиј, од трпението на Свети Климент, од визионерството на Крсте Петков Мисирков и тоа ќе го направиме заедно со сите вас, лингвисти, книжевници, професори, научни кадри, љубители на зборот, како што и доликува на една сериозна Влада и држава којашто се грижи за своите граѓани и на начин, како што доликува да биде третиран, развиван и промовиран македонскиот јазик.
Кон македонскиот јазик гледаме како кон наука. Третманот на македонскиот јазик ќе биде сеопфатен и стратешки, исто како и кон институциите што се занимаваат со македонскиот јазик, меѓу кои секако и Институтот за македонски јазик, организатор на оваа важна Конференција.
Подготвени сме како Влада да вложуваме во капацитети што ќе ја развиваат употребата на македонскиот јазик.
Македонскиот јазик да биде правилно употребуван во Република Македонија и подостапен за изучување во странство.
Вака сме поставени.
Колку сме сериозни намерата за заштита, негување и унапредување на Македонскиот јазик покажува тоа што во Програмата предвидовме низа мерки за овие цели.
• Ќе се води поголема грижа за правилна употреба на мајчиниот јазик од сите чинители и дејци кои имаат влијание на јавноста (медиуми, телекомуникациски оператори, државни органи и институции) со посебен акцент на правилна употреба на јазикот уште кај најмладата популација во почетниот образовен процес.
• Владата ќе го поддржи повторното отворање лекторати за македонски јазик на странските универзитети во другите земји, особено во земјите од ЕУ.
• Ќе ги засилиме врските со дијаспората и преку финансирање часови по мајчин јазик во државно-конзуларните претставништва, во градови каде е изразен доволен интерес за тоа.
Ова се дел од мерките на кои се обврзавме во владината програма, а денес, нецели 4 месеци по формирањето на новата Влада, ги имаме и првите сработени активности.
Владата на Република Македонија, во соработка со истакнати македонисти и експерти во областа, веќе усвои повеќе предлог-мерки што се насочени кон унапредување на состојбата со македонскиот јазик, за чијашто реализација е задолжено Министерството за култура.
Предвидуваме:
- Фонд за поддршка на изработка на научни дела посветени на македонскиот јазик од сите области, вклучувајќи изработка на академска граматика, речник, правопис, мерка за унапредување на нашето јазично богаство - дијалектолошки и историски проучувања на македонскиот јазик;
- Основање фонд за стипендирање на студирањето македонски јазик на универзитетите во Република Македонија и ревизија на наставните планови и програми по македонски јазик на сите рамништа на образованието;
- Eдноставен и слободен пристап, без надомест, до капиталните дела „Правопис на македонскиот јазик“ и „Толковен речник на македонскиот јазик“. Работата на достапноста на Правописот е во завршна фаза;
- Одбор за стандардизација на македонскиот јазик, во којшто би членувале експерти од катедрите за македонски јазик, од овој институт, од МАНУ, како и истакнати писатели, новинари, лектори...;
- Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура предвидовме да прерасне во Македонистички центар со повеќе функции;
- Обновување на родните куќи или создавање музеи посветени на значајните личности за македонскиот јазик и култура, како и натамошна поддршка на постојните;
Исто така предвидуваме и:
- Основање Фонд за поддршка на афирмирањето на македонскиот јазик на странските универзитети и отворање и одржување на лекторатите по македонски јазик на странските универзитети. На терен веќе се разгледуваат можностите за отворање лекторати;
- Центар за постојана обука за лекторите по македонски јазик во странство, како и Школа за подучување по македонски јазик за македонските деца надвор од Македонија;
- Во врска со гостувањата на македонски научни работници и уметници на странските универзитети, со цел да се афирмираат македонскиот јазик и култура се предлага тоа да се прави преку Годишна програма со определен фонд, чиишто членови треба да бидат истакнати македонисти, членови на академската заедница, непристрасни и невладини експерти;
Потоа:
- Поддршка за собирачката дејност, модерно продолжување на заветите на Цепенков и браќата Миладиновци: дијалектолошки материјали, народни песни и приказни, како и нивна дигитализација, во и надвор од државата, а особено во соседните држави;
- Поддршка на албанската, како и на другите етнички заедници, преку политика на привлечност/атрактивност, за учење на македонскиот јазик и формирање мултиетнички и повеќејазични педагошки и културни друштва.
Јазикот е жива материја и најочигледно ќе покажеме дека се грижиме за него, преку начинот како го говориме, како го пишуваме, како го читаме македонскиот литературен јазик. Така даваме пример со каков јазик сакаме да раснат младите генерации.
Како Влада, работиме и ќе работиме според потребите, заедно со сите вас овде и со сите кои чувствуваат дека можат и сакаат да придонесат во афирмацијата на македонскиот јазик.
„Работењето наше ќе требит да бидит на почва на народното просветење: мирно, легално, еволуционо“. – напиша Мисирков.
И јас така ја доживувам оваа Конференција којашто минатото на јазичниот свет што го негувале Мисирков, Конески, просветителите, го поставува во функција на “денес и утре“.
Ви благодарам за иницијативата низ корените на минатото, да го видиме јазикот денес и да го поставиме еволутивно кон иднината, затоа што, да, Јазикот е нашата татковина, но и јазикот, тоа сме ние.
Ви посакувам успешна и плодна дисусија.