Премиерот Заев се сретна со претставникот за слобода на медиумите на ОБСЕ, Арлем Дезир: Во Република Македонија се препознаваат цврстите мерки да се обезбеди непречено работење и слобода на медиумите

 

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска се сретна со делегација на ОБСЕ, предводена од претставникот за слобода на медиумите, Арлем Дезир.

На состанокот, на кој премиерот Заев беше придружуван од Д-р Кире Илиоски, вонреден и ополномоштен амбасадор, постојан претставник на Република Македонија во ОБСЕ, ОН и други меѓународни организации, Роберт Поповски, министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата на Република Македонија, и Дане Талески, советник на премиерот за надворешни работи, беше поздравена заложбата на Владата на РМ, која со поддршката на граѓанското општество е насочена кон процесите на реформи и подобрување на полето на медиумските слободи.

- Со отворањето на широка дебата во која се вклучени сите учесници од медиумската сфера, како и експертизите и препораките на ОБСЕ и на Европската комисија во подготовката за измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги , сакаме да создадеме фер ситуација за сите и да се стави крај на институционалните или личните влијанија и притисоци врз медиумите, вклучувајќи го и прашањето за финансиската зависност - информираше македонскиот премиер.

Додавајќи дека сериозно се разгледуваат и следат насоките на ОБСЕ, премиерот информираше дека ќе следи уште една средба со претставниците на медиумската заедница, за да се даде можност за дебата за новите забелешки во јавната расправа.

- Ми претставува особено задоволство што реформите во медиумската сфера се на агендата на Владата. Ние сме во постојана комуникација со ресорните министерства затоа што сме убедени дека Законот за АВМУ е многу важен закон и измените ќе придонесат кон подобрување на состојбата на јавниот радиодифузен сервис, МРТВ, и стоиме на располагање и во понатамошните процеси, посочи претставникот на ОБСЕ, Арлем Дезир.

На состанокот, претставникот на ОБСЕ, во чија придружба беше и шефицата на Мисијата, амбасадорката Нина Суомалаинен, ги поддржа чекорите кои се преземаат за создавање услови за целосна независност и професионализација на јавниот сервис, МРТВ, како и целосна независност и ослободување од какви било можности за влијанија врз регулаторот, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуга.

Премиерот Заев информираше дека Владата смета дека сега е вистинскиот момент да се направат промените во областа на слободата на медиумите и истовремено да се прекине праксата на насилство врз новинарите.

- Потребно е да се заштити безбедноста и работата на новинарите и да им се овозможи да ја вршат својата работа како двигател на општествените процеси, да се мотивираат да се усовршуваат во истражувачкото новинарство и без никакви стеги да откриваат коруптивни дејства со цел да создаде демократско општество – додаде премиерот Заев.

Беше заклучено дека треба да се решат сите случаи на напади врз новинари, за кои се води истрага кај надлежните органи.

На состанокот беше споделен ставот дека е од особено значење за државата процесот на реформите во медиумската сфера да биде транспарентен и отворен за придонес од сите засегнати страни до неговото финализирање.