Премиерот Заев на средба со монсињор Пекорари од амбасадата на Светата столица во Софија: Поздравени заложбите за европската иднина на Македонија
Претседателот на владата на Република Македонија, Зоран Заев, дeнескa во посета ги прими Монсињор Анселмо Гвидо Пекорари, апостолски нунциј во амбасадата на Светата столица во Софија, Република Бугарија, и претставникот од католичката црква во Македонија, Бискуп Киро Стојанов.
На средбата беше разговарано за теми од интерес на Католичката црква, односно за денационализацијата на локалитетот во Паљурци, и што поскоро решавање на тоа прашање во интерес на двете страни, за обновување на тој локалитет кој е од особенокултурно-историско значење за католичката црква, и за ставање на светската мапа на Република Македонија во делот на верскиот туризам.
Господинот Пекорари во оваа прилика, ги поздрави заложбите и посветеноста на Владата за да ја обезбеди европската иднина на државата, и се заложи да биде лобист во својата земја на начин кој ќе помогне на Македонија побрзо да ја оствари оваа своја цел. Тој исто така го поздрави и храбриот чекор за помирување на Македонија со своите соседи, потенцирајќи го договорот за пријателство и добрососедство со Република Бугарија.
Премиерот Заев ги повика гостите, и во иднина, за сите предлози и иницијативи да го контактираат, затоа што како што рече, пријателските односи се базираат на взаемна помош и разбирање, и обострано залагање во решавање на сите прашања од интерес на двете страни, посочувајќи дека тоа би било од најголема полза за граѓаните од католичка вероисповест, чија што заедница, како што подвлече тој, е важна за Република Македонија.