Премиерот Заев на настан во организација на Институтот за политика од Република Бугарија: Носењето одлуки е храброст за перспектива и подобра општествена иднина
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска во Струмица имаше свое обраќање во рамките на Обуката за политички лидери во организација на Институтот за политика од Република Бугарија.
- Лидерството е потреба и во семејството, потребно е и во партијата, потребно е и во државата и заради тоа светот оди во прогрес секаде каде што постојат важни одлуки. Најлошо е да не се носат одлуки, да се одложуваат, затоа што така сме безбедни. Но, тогаш стоиме во место - рече премиерот Заев поттикнувајќи ги младите да носат храбри одлуки и да гледаат во перспективите и во иднината.
Истакнувајќи дека одлучувањето и лидерството е посебно важно во политиката, премиерот Заев рече дека политичките партии преку институциите како што е Парламентот, Владата, Претседателот на државата и слично ја градат иднината на нашите граѓани, на нашите држави, на нашите општини и на нашите региони.
- Многу е важно да гледаме на перспективите и да градиме пријателство и со соседите, притоа штитејќи ги своите позиции и остварувајќи ја својата улога во општеството - рече македонскиот премиер.
Премиерот Заев ја оцени важноста на продлабочувањето на пријателството и соработката со Бугарија и додаде дека политичарите често пати не го гледаат единството и блискоста на граѓаните на двете земји.
- Сакам денеска, прво да кажам дека јас сум пријател на Бугарија. Мојата Влада е голем пријател на Бугарија. И нашиот народ е голем пријател на бугарскиот народ. Луѓето ни се блиски, имаме заеднички семејства, пријатели, младите стапуваат во брак заедно, буквално тоа секојдневно функционира - истакна премиерот Заев.
Тој информираше дека во таа насока е и одржувањето на заедничката седница на Владите на Македонија и на Бугарија во Струмица на 23-ти ноември.
- Ќе отвориме нови договори, вкупно десет кои што ќе се потпишат. Од сите тие договори, не сме свесни, можеби секој од нас, секој граѓанин од Бугарија и од Македонија ќе има своја полза, свој корист, придобивки, можеби повеќе пари, отворање на нов бизнис, нови културни соработки, спортски соработки, како и соработки во областа на образованието, туризмот, енергетиката се со цел подобрување на севкупната економија - изјави Заев.
Обраќајќи им се на присутните, премиерот Заев истакна дека покрај власта која ја има најголемата одговорност пред граѓаните, општествена одговорност има и опозицијата која покрај конструктивност треба да покаже и критичност.
- Јас би сакал и кај нас во Македонија и власта и опозицијата да стојат зад ваквите важни документи, што отвораат не само пријателство туку и големо сојузништво помеѓу Бугарија и Македонија, сѐ со цел да и им се помогне на граѓаните на Македонија, во интегративниот процес за членство во Европската Унија и во НАТО - рече Заев, додавајќи дека тоа е посебно важно заради тоа што од први јануари, се до крајот на јуни, Бугарија претседава со Европската Унија.
Заев подвлече дека претседателствувањето на Бугарија е афирмација не само за неа, туку и за Македонија заради тоа што прв пат од 2003-та година повторно ќе се одржува Самит на ЕУ за Западен Балкан.
- Овој важен настан уште еднаш ќе ја испрати пораката дека ние, земјите од Балканот, кои што се уште не сме членки на Европската Унија, ја гледаме нашата иднина и нашата перспектива во ЕУ.
Премиерот Заев се заблагодари на организаторот на настанот за поканата, и изрази надеж дека собирот ќе помогне во иднина да се изградат млади, перспективни лидери кои ќе ја храбрат цела останата Европа во градењето перспективност.