Средба на премиерот Заев со еврокомесарот Хан: Македонија оди во добра насока, позитивен извештај и почеток на преговорите со ЕУ се реални перспективи, сите да ја одиграат својата улога

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со комесарот за соседска политика и проширување на Европската Унија, Јоханес Хан.

Еврокомесарот Хан, на заедничката прес-конференција оцени дека земјава направи голем прогрес во развојот и дека ЕК сега е фокусирана на перспективите кон ЕУ, позитивна препорака во следниот Извештај, како и почеток на преговори со Европската унија.

„Одите во добра насока, потребно е да се продолжи да се работи“, рече еврокомесарот Хан кој посочи дека ако 75 – 80 проценти од граѓаните сметаат дека стратешки цели на државата се ЕУ и НАТО, тогаш секој треба да се движи во таа насока, а во тој процес треба и „опозициските партии да ја одиграат својата улога“.

Премиерот Заев, на заедничката прес конференција соопшти дека „домашните реформски иницијативи и активностите во надворешната политика никогаш не биле подинамични“, дека интензивно се работи на реформскиот План, 3-6-9 како и на подобрување на односите со сите соседи на Македонија, вклучувајќи ја и Грција, поради што Република Македонија очекува исчекори во евроинтеграциите во брзо време.

- Очекуваме, со право, Република Македонија да стане дел од Стратегијата за проширување на ЕУ најавена дека ќе биде соопштена во февруари наредната година.

 

 

Очекуваме да добиеме чиста препорака за влез во ЕУ и датум за претпристапни преговори на ЕУ со Република Македонија. Ние ќе испорачаме резултати затоа што овие реформи се пред се за наше добро, но во исто време очекуваме нивна соодветно вреднување од европските институции. Време е во многу блиска иднина да се направи неопходниот исчекор, Република Македонија целосно да биде извлечена од долгогодишната криза и со европскиот ветер во грбот, да ја заокружи својата визија за модерна, економски напредна и респектирана држава, изјави премиерот Заев, додавајки дека е добро сите земји да го препознаат моментот за европски перспективи, за доброто на сите граѓани.

Премиерот Заев посочи дека „Владата има цврста определба за унапредување на политичката состојба во Република Македонија и е целосно посветена на сите реформски процеси за демократската обнова на општеството: прифаќање и спроведување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР за поддршка на ДИК, по успешно спроведените фер и демократски избори, во соработка на Владата со Собранието, враќање на демократскиот амбиент во општеството и во институциите, прифаќање на граѓанското општество како рамноправен партнер и коректор на владините одлуки, реформи во медиумите, активности за целосна деполитизација и професионализација на администрацијата, зајакнување на капацитетите на народниот правобранител, реформи во разузнавачките и безбедносните служби, во правосудството, „што треба да отвори простор за вистинска независна судска власт, којашто ќе ги искорени криминалот и корупцијата, и на граѓаните ќе им ја врати вербата дека правда во Македонија е возможна.

- До крајот на овој месец ќе биде усвоена Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 со Акциски план, согласно препораките на Европската Комисија, соопшти премиерот Заев.

Како пример за инклузивните политики, премиерот Заев посочи дека „инклузивни работни групи подготвија, а Владата го пушти во собраниска постапка, пакетот закони со којшто се укинува Советот за утврдување на факти согласно препораките на Прибе и Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци. Исто така, работна група подготви Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на укажувачи.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, имаше заедничка средба со еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан, придружуван од амбасадорот на ЕУ во Република Македонија, Самуел Жбогар, по што следуваше и куса тет-а-тет средба помеѓу премиерот Заев и еврокомесарот Хан.

На средбата еврокомесарот Хан констатираше дека се чувствува „свеж воздух“ во земјава и дека работите видливо се менуваат, поради што ЕК е посветена на напредок на државата во евроинтеграциите, како и исчекори на земјите од целиот регион во евроинтеграцискиот процес. Претседателот на Владата на Република Македонија, Заев нагласи дека целата Влада работи мотивирано, со вклучување на сите во општеството, со цел да се случат позитивни придвижувања и одмрзнување на евро-атлантските интеграциски процеси, како и економски развој на државата.