Премиерот Заев пред претставниците на бизнис заедницата на Косово: Создаваме стабилна бизнис клима и одржлив економски модел што Македонија ја позиционира како стабилна бизнис дестинација за инвеститорите од Косово

 

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во рамките на еднодневната официјална посета на Република Косово, заедно со премиерот на Косово Рамуш Харадинај, денеска во Приштина оствари средба со претставници на бизнис заедницата на оваа земја.

Остваривме инспиративни средби, особено во делот на развојот на економските врски меѓу двете земји.

Инфраструктурните објекти, автопатот, ќе биде дополнителна мотивација за унапредување на соработката во бизнисот, меѓу деловните луѓе.

Во своето обраќање пред деловните луѓе на Република Косово, премиерот Заев истакна:

Искрено ги повикуваме сите да го инвестираат својот капитал во Македонија, за што ќе добијат еднакви шанси и можности од државата.

Политиките на отворени врати, засилената добрососедска и регионална соработка и добрите односи со земјите членки на ЕУ и НАТО, веќе ги даваат првите резултати на зголемен интерес за инвестирање во Република Македонија.

Создаваме стабилна бизнис клима и одржлив економски модел што Македонија ја позиционира како крајна и стабилна бизнис дестинација за инвестирање.

Косово е еден од најзначајните трговски партнери на Македонија, трговската размена се одвива слободно, без царини и во истата РМ остварува суфицит.

Во 2016-та имавме пораст на обемот на трговска размена. Можеме и мораме да ја унапредиме и зголемиме трговската размена.

Македонија и Косово покренаа иницијатива за формирање на заедничка економска зона, царинска унија и олеснување на граничните процедури.

Имаме заеднички интерес и за формирање на заеднички компании и оператори за менаџирање на енергетската мрежа, железничкиот и авио-сообраќајот.

Повеќе македонски компании имаат свои претставништва на Косово. Во исто време има инвестиции од Косово во Македонија.
Сметаме дека има услови и можности оваа досегашна статистика сериозно да се промени на подобро.

Затоа сме тука. Ги очекуваме вашите сугестии за да биде уште подобро. Да отвориме нови деловни можности и нови работни места за нашите граѓани.

Да испратиме силни пораки дека како одговорни влади имаме обврска да создаваме силна основа за развој на економската соработка. Таков може да биде заедничкиот царински терминал на кој ќе ги олесниме максимално процедурите и ќе ја сведе на едноставна формалност царинската постапка.

Се надеваме наскоро да го завршиме автопатот Скопје – Приштина. Настојуваме делницата Скопје-Блаце, во должина од 12.5 км, да ја следи динамиката на работите на делницата од Приштина до границата.

Новиот автопат ќе ја олесни комуникацијата меѓу Скопје и Приштина, ќе го зголеми транспортот и трговијата, и ќе ја унапреди економската соработка.

Сметаме дека тоа е сериозен дел од мозаикот според кој Македонија ќе се препознава како пријателска земја за бизнис за инвеститорите од Косово, истакна премиерот Заев на средбата со претставниците на бизнис заедницата на Република Косово.