Владите на Република Македонија и Република Албанија ќе ја одржат првата заедничка седница во Поградец
Претставниците на Владите на Република Македонија и на Република Албанија, ќе ја одржат заедничката меѓувладина седница на 15 декември 2017 во Поградец, Албанија.
Во 14:30 часот пред хотелот Химети Палас во Поградец, премиерот Рама и владините претставници на Р.Албанија ќе организираат свечен пречек за премиерот Заев и македонската владина делегација. Потоа, во хотелот ќе се одржи меѓувладината седница на која ќе има воведни обраќања од премиерите Заев и Рама, а на крајот и церемонија на свечено потпишување на документи за соработка. По завршување на седницата, во 16:30 часот премиерот на Р.Македонија, Зоран Заев и премиерот на Р.Албанија, Еди Рама ќе одржат заедничка прес конференција.
На заедничката меѓувладина седница ќе се разговара на повеќе теми за унапредување на билатералната соработка во областа на инфраструктурно поврзување, изградба на Коридорот 8, олеснување и интензивирање на размената на стоки и услуги и зајакнување на соработката во областа на безбедноста.
Конкретно, на седницата е планирано да се потпишат неколку документи за соработка, вклучувајќи план за консултации помеѓу министерствата за надворешни работи на двете држави, меморандум помеѓу министерствата за внатрешни работи за соработка во областа на внатрешна контрола, како и формирањето на мешовит комитет за економска соработка. Од ресорот на образование и наука, ќе се потпишува и меморандум за интензивирана билатерална соработка преку Институтот за културно и духовно наследство на Албанците од Р.Македонија. Дополнително ќе се потпишува меморандум за соработка во борбата против насилен екстремизам и радикализам, како и договор за соработка во спречување на кризи.
Следното утро, на 16 декември, премиерите Заев и Рама во придружба на владини претставници ќе одат во Пустец каде ќе се сретнат со претставници на локалната самоуправа и ќе го посетат училиштето каде ќе донираат опрема за учениците.