Премиерот Заев на средба со Здружението на приватни стопанственици од индустриската зона Визбегово-Стенковец: Од заеднички интерес е решението за реализација на експресен пат низ зоната
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска оствари средба со претставници на Здружението на приватни стопанственици од индустриската зона Визбегово-Стенковец.
Работниот состанок на кој присуствуваа и Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Горан Сугарески, министер за транспорт и врски, како и градоначалниците на Град Скопје и на Општина Бутел, Петар Шилегов и Велимир Смилевски, беше целосно посветен на отворените прашања кои треба да бидат решени за да отпочне изградбата на автопатот Блаце - Скопје, како и делницата од клучката кај обиколницата пред влезот во индустриската зона Визбегово, која до крстосницата со булеварот „Словенија“, која треба да биде изградена како експресен пат.
Во насока на целосно разбирање и на прифаќање на отворените прашања што ги засегаат стопанствениците, договорено е за новиот екпресен пат да биде подготвен нов проект кој на најмал можен начин ќе влијае на одредени отстапки на имотните парцели на стопанствениците што имаат објекти долж делницата.
Заради безбедносни и други инфраструктурни потреби, договорено е општините Бутел, Карпош и Чучер Сандево, низ кои поминува делницата, или ќе бидат вклучени со другите сервисни патишта и придружна инфраструктурна содржина, во најкус можен рок да пристапат кон изработка детални урбанистички планови, или да подготват измени и дополнувања на веќе постоечките.
Овие интервенции во ДУП-овите на општините, и делумно и на градот Скопје, се неопходни за да се обезбеди законска и врз основа на план, подготовка и реализација на новиот проект за делницата од клучката на обиколницата, низ зоната Визбегово, до улицата „Словенија“.
На состанокот е договорено дека сите овие подготвителни интервенции ќе бидат спроведени со целосна поддршка на Владата на Република Македонија, Министерството за транспорт и врски, и во координација со Градот Скопје.
Забрзувањето на работите за реализација на автопатското решение од Косово кон Македонија, како и за изградба на експресниот пат, како стратешки инфраструктурни проекти, е од огромно значење за домашните компании кои веќе работат во зоната Визбегово-Стенковец, како и за оние кои покажуваат голем интерес да изградат стопански објекти во оваа зона.