Честитка од премиерот Груевски по повод големиот христијански празник Божиќ
“До Поглаварот на Македонска Православна Црква - Охридска Архиепископија
Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан
Ваше Блаженство,
Дозволете ми, Вам лично, на членовите на Синодот, на Вашето ценето свештенство и монаштво, како и на сите православни верници во Република Македонија и во македонската дијаспора, да Ви упатам срдечни честитки по повод големиот христијански празник Божиќ.
Симболиката на најубавиот семеен празник во православието Божиќ, е во можноста да ја почувствуваме љубовта на блиските, радоста на заедништвото и топлината на семејниот дом. Токму поради човекољубието, нашиот спасител, Исус Христос се појави на земјата за да му даде утеха на човештвото, да го упати кон правда, слобода и вистина и со божественото учење да ги затопли човековите срца и души. Светлината на Христовото раѓање, секогаш одново и одново ги буди и зајакнува животната сила и карактерот кај човекот. Божиќ не потсетува на вредностите на кој не упати нашиот Бог, на потребата да се почитуваме и помагаме, сакаме и разбираме, и да правиме добри дела кон нашите блиски, како во нашето семејство и соседство, така и во нашата земја и пошироко.
Токму во духот на христијанството во очи на Божик, дозволете ми да посакам во срцата на сите верници да се всели мирот и спокојството, радоста и разбирањето, да продолжиме да даруваме безусловна љубов и почит кон сите наши познаници и да ги унапредиме нашите заеднички вредности. На овој начин, обединети и сплотени околу идеалите на овој празник, ќе можеме забрзано да чекориме по патот на создавање на дела и вредности од кои придобивка ќе има нашето општество и сите граѓани на Република Македонија.
Да го празнуваме заедништвото со Бога и да се помолиме и во иднина Бог да биде со нас и со Македонија.
Бидете благословени и нека е честит големиот христијански празник !
ХРИСТОС СЕ РОДИ !
Никола Груевски“