Денес, со почеток во 12 часот, Владата на Република Македонија ќе ја одржи својата 50-та седница.
На денешната седница на Владата ќе присуствува Амбасадорот на Република Бугарија, Иван Великов Петков, кој ќе ја презентира програмата и приоритетите на бугарското претседателствување со Советот на Европската Унија.
Исто така, на седницата, свое обраќање ќе имаат претставници од Банката на Советот на Европа во врска со новиот клинички центар во Скопје.
Во текот на Седницата ќе се расправа и ќе се одлучува по материјалите од годишните инвестициони програми и програми за финансирање, програмите за работа и финансиските извештаи на јавните претпријатија и државните агенции.
Исто така, на владината седница ќе се разгледува Предлог-програмата за работа на Владата на Република Македонија, Информацијата за Програмата на економски реформи 2018-2020 година, Предлог-програмата за развој на туризмот, Предлог-програмата за развој на спорт и млади за 2018 година, како и повеќе предлог-програми и програми за иницијативи и проекти од повеќе министерства.
Владата на оваа седница ќе ја разгледа и Предлог-програмата за задолжително здравствено осигурување на граѓаните на Република Македонија, кои не се здравствено осигурени, Предлог-програма за лекување на ретки болести во Македонија, Предлог-програма за обезбедување средства за болничко лекување без наплата на учество (партиципација) за пензионери во Република Македонија, Предлог-програма за обезбедување инсулин, како и други предлог-програми од Министерството за здравство кои се во насока на подобро организирање и подобрување на здравствените услуги на граѓаните на Република Македонија.
На денешната 50-та седница на Владата на Република Македонија, министрите ќе ги разгледуваат и Предлог-програмите по иницијатива на министерството за образование кои се однесуваат на научно-истражувачката дејност, подобрување на ученичкиот и студентскиот стандард, како и реконструкција на основни и средни училишта.