Министерот Попоски се сретна со пратеници на Големото национално собрание на Турција
Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска се сретна со делегација на Турско-македонската меѓупарламентарна група за пријателство на Големото национално собрание на Турција, која престојува во посета на Македонија.
На средбата е изразено обострано задоволство од успешниот развој на односите и соработката меѓу двете држави, а во тие рамки и на соработката меѓу парламентите. Притоа, македонско-турската соработка во разни области на билатерален, регионален и мултилатерален план е оценета како мошне плодна и обострано корисна.
Министерот Попоски информирал за актуелните состојби во Македонија и за активностите на планот на интеграцијата на земјата во европските и евроатлантските интеграции, по однос на неодамна објавената пресуда на Меѓународниот суд на правдата.
Претседателот на Парламентарната група на Големото Национално Собрание на Турција, Хусеин Бирге информирал за актуелните состојби во Турција и активностите во врска со иницијативата за донесување нов Устав на Турција со цел натамошна демократизација на државата.
На средбата се разменети мислења и за состојбата во регионот и пошироко.