Премиерот Заев во МАНУ: Продолжуваат соработката и консултациите за градење на аргументацијата на Република Македонија во разговорите со Република Грција
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска ја посети Македонската академија на науките и уметностите.
Премиерот Заев на средбата во МАНУ ги информираше претседателот Таки Фити и присутните академици, за текот на процесот за решавање на проблемот што Република Грција го има со уставното име на Република Македонија.
Во размената на мислења во однос на ова прашање, членовите на претседателството на МАНУ, како и поранешните претседатели што зедоа учество на оваа средба, истакнаа дека највисоката научна установа во земјата има јасни ставови, документи и научни факти кои можат да помогнат во градењето аргументација на нашата страна во преговорите.
На средбата е договорено да продолжи меѓусебната консултација и соработката меѓу стручни тимови на МАНУ и Владата на Република Македонија.