Анѓушев: Планот за економски раст овозможува поддршка за малите и средни компании – поврат до 70% од инвестициите за развивање на нови иновативни производи
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев се обрати на Тркалезна маса со која се означи започнувањето на „Проектот за зголемување на конкурентноста на домашните мали и средни претпријатија со цел подобрување на нивната соработка со странските инвеститори“. Проектот се спроведува од Советот за странски инвеститори во Стопанската комора на Македонија во соработка со Машинскиот факултет во Скопје.
Вицепремиерот Анѓушев истакна дека Владата креираше мерки за поддршка преку кои се овозможува зголемување на соработката помеѓу домашните и странските компании кои работат во Република Македонија, која во моментов е на ниско ниво. Тој подвлече дека за зголемување, освен желбата за соработка, потребно е компаниите да обезбедат квалитет на своите производи и услуги, но и да постои економска логика за да се воспостави повисоко ниво на интеракција.
„Економската логика ќе ја обезбедиме со имплементација на мерките. Во Планот за економски раст креиравме мерка преку која директно ја стимулираме соработката помеѓу странските и домашните компании. Доколку некоја странска компанија изврши набавки за производството во висина од 15% од вкупните набавки од македонски компании, Владата ќе обезбеди директна финансиска поддршка во висина од 1% од вкупно направените набавки на компанијата“, потенцираше вицепремиерот.
Тој подвлече дека мерките од третиот столб на Планот за економски раст, наменети исклучиво за мали и средни претпријатија ќе се спроведуваат преку Програмата за спроведување на Стратегијата за иновации, која ќе се реализира преку Фондот за иновации и технолошки развој, а даваат значителна поддршка на компаниите за зголемување на нивната конкурентност.
„Како никогаш досега се дава поддршка на малите и средни компании. Малите и средните претпријатија, а тоа по дефиниција се компании до 250 вработени, имаат можност да добијат до 70% поддршка од вредноста на направените трошоци за инвестициските проекти за развивање на нови производи. Овие производи би можеле да бидат наменети за некоја поголема компанија со што ги стимулираме компаниите за иновации и ја поттикнуваме меѓусебната соработка помеѓу компаниите. Воедно малите и средни претпријатија имаат можност да добијат и 30% поврат на директни трошоци во инвестициски проекти, со што го поттикнуваме нивниот развој“ потенцираше Анѓушев .
Вицепремиерот Анѓушев додаде дека со новите мерките Република Македонија станува поконкурентна земја за инвеститорите и дека фокусот во привлекување на нови странски странски инвестиции ќе биде ставен на компании кои имаат готов производ, имаат можности да носат побрзи одлуки при избор на добавувачи, со што би се зголемила соработката со домашните производители.