Премиерот Заев со Претседателот на Европската Комисија, Јункер: Ја потврдуваме европската иднина на Македонија, пристапувањето кон ЕУ директно влијае врз подобрување на животот на граѓаните
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска имаше средба со Претседателот на Европската Комисија на ЕУ, Жан-Клод Јункер, кој во придружба на еврокомесарот за соседска политика и проширување на Европската Унија, Јоханес Хан, престојуваше во посета на Република Македонија, како дел од нивната турнеја во регионот.
На заедничката прес-конференција на Премиерот Зоран Заев и Претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер, по одржаните разговори во Владата на Република Македонија беа презентирани најважните теми од средбата.
Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев во своето обраќање пред домашните и странските медиуми истакна дека „со Стратегијата, Европската комисија ја потврдува европската иднина на Република Македонија, како географски дел од Европа кој ќе стане и дел од политичката структура на Европската Унија“.
„Сосема на место е определбата дека Унијата треба да биде посилна, пред да стане поголема, и Република Македонија е подготвена да го даде својот придонес во таа насока.
Од наша страна, ја афирмираме уште еднаш силната желба и посветеност кон длабоки внатрешни реформи, без одлагање, со лидерство и одлучност, да ја изодиме оваа клучна делница од патот кон нашето пристапување како земја членка на ЕУ“, нагласи премиерот Заев.
Премиерот Заев потенцираше дека „сега нѐ очекуваат уште неколку исклучително важни активности, за да ја направиме оваа, 2018, историска година за Македонија. Од Самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија очекуваме да биде продуцирана иновирана Агенда, по примерот на Солунската, која јасно ќе го трасира пристапниот пат во ЕУ, врз основа на предлозите содржани во Стратегијата. Самитот воедно ќе биде реален индикатор за тоа колку земјите членки на ЕУ се подготвени да се посветат на пристапниот процес на земјите од Регионот“.
„Силно сме уверени дека во јуни 2018 година, Советот ќе донесе одлука за почеток на пристапните преговори. Работиме на обезбедување на поддршка од сите земји членки“, истакна Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев.
Премиерот Заев соопшти дека „во напорите за унапредување на добрососедските односи, Република Македонија фокусот го става на градење нови мостови на соработка, отворен дијалог заснован на меѓусебна соработка и почитување“.
„Со сериозната посветеност за надминување на клучниот проблем што Грција го има со нашето уставно име. Заедно со премиерот Ципрас работиме посветено на затворање на овој долгогодишен и мачен проблем чие решавање треба да го отвори патот за интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО. За Македонија е прифатливо име со географска одредница кое ќе направи дистинкција меѓу нашата држава и регионот во Грција.
Сепак, инсистираме на достоинствено решение кое ќе овозможи трајно и одржливо решение на спорот со почитување на достоинството и идентитетот на двата народи и двете држави“, рече Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев.
Претседателот на Европската Комисија Жан-Клод Јункер, во своето обраќање пред новинарите рече дека нашата земја не е само дел од Европа географски, туку и историски. Европската Унија не е само заедница базирана врз заедничките економски интереси, туку поважно, е унија на заеднички вредности. Тие вредности се споделени и зајакнати од страна на нашата држава. Како што објасни претседателот на ЕК Јункер, го изненадивме светот со имплементацијата на реформите и ако продолжиме на истиот пат, ќе дадеме шанса на Европската Комисија за давање препорака на Советот за отпочнување на преговорите за неколку месеци.
Република Македонија е прва земја од оваа серија посети на Претседателот на ЕК Јункер по повод Стратегијата за проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан.
Интегрален текст од обраќањето на премиерот Заев на заедничката прес конференција со Претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер
Влада на РМ, 25.02.2018, Скопје
Почитуван Претседател на Европската Комисија, господине Јункер,
Почитуван еврокомесар за соседска политика и за проширување на Европската Унија, господине Хан,
Почитувани претставници на медиумите,
Чест ми е да упатам благодарност до Претседателот на Европската Комисија Жан-Клод Јункер, кој избра Република Македонија да биде прва од земјите од оваа негова посета на Западен Балкан, при која ќе ги запознае јавностите и политичките лидери од регионот со најважните точки од новата Стратегија за кредибилна перспектива за проширување и зајакнат ангажман на Европската Унија со Западниот Балкан.
Со Стратегијата, Европската комисија ја потврдува европската иднина на Република Македонија, како географски дел од Европа кој ќе стане и дел од политичката структура на Европската Унија.
Сосема на место е определбата дека Унијата треба да биде посилна, пред да стане поголема, a Република Македонија е подготвена да го даде својот придонес во таа насока.
Од наша страна, ја афирмираме уште еднаш силната желба и посветеност за длабоки внатрешни реформи, без одлагање, со лидерство и одлучност, да ја изодиме оваа клучна делница од патот кон нашето пристапување во Европската Унија.
Пристапувањето на Република Македонија кон ЕУ директно влијае врз подобрувањето на животот на граѓаните. Нам и на сите граѓани ни е јасно дека колку сме поуспешни во остварувањето на домашниот реформски план, толку побрзо ќе пристапуваме кон Европската Унија, но и толку побрзо ќе се подобрува секојдневниот живот на граѓаните на Македонија.
Во Стратегијата се гледа дека ЕУ ги препознава досегашните резултати на Република Македонија и се оддава признание за нашиот напредок.
Нѐ очекуваат уште неколку исклучително важни активности, за да ја направиме оваа, 2018, историска година за Македонија:
o Пред сѐ, очекуваме Извештајот на Европската Комисија да го забележи значителниот напредок постигнат од Владата на планот на домашните реформи. Позитивниот извештај и обновената безусловна препорака ќе даде дополнителен поттик на внатрешните реформски процеси, но и на понатамошно унапредување на добрососедските односи.
o Од Самитот „ЕУ – Западен Балкан” во мај во Софија очекуваме да се создаде иновативна Агенда, по примерот на Солунската, која јасно ќе го трасира пристапниот пат во ЕУ, врз основа на предлозите од Стратегијата.
o Силно сме уверени дека во јуни 2018 година, Советот ќе донесе одлука за почеток на пристапните преговори. Работиме на обезбедување на поддршка од сите земји членки.
o Од Самитот во Лондон во јули 2018 година очекуваме продолжување на Берлинскиот процес, зајакнување на регионалната соработка и поврзување со конкретни чекори кои го подобруваат животот на граѓаните на државите од Западен Балкан.
Почитувани,
Во разговорот со Претседателот Јункер, укажав на фактот дека во напорите за унапредување на добрососедските односи, Република Македонија фокусот го става на градење нови мостови на соработка, отворен дијалог заснован на меѓусебно почитување.
Затворањето на долгогодишните отворени прашања не е едноставен потег. Се работи за сензитивни прашања за нашите граѓани. Охрабрени од Договорот за пријателство со Бугарија, продолжуваме со сериозна посветеност за надминување на клучниот проблем што Грција го има со нашето уставно име.
Заедно со премиерот Ципрас работиме посветено на затворање на овој долгогодишен и мачен проблем чие решавање ќе го отвори патот за интеграција на Македонија во Европската Унија и НАТО, а тоа за нашите граѓани ќе значи и обезбедување нови инвестиции, нови работни места, повисоки плати и подобар живот за граѓаните.
Во врска со овој проблем, за Владата на Македонија е прифатливо име со географска одредница кое ќе направи дистинкција меѓу нашата држава и регионот во Грција.
Сепак, инсистираме на решение кое ќе овозможи трајно и одржливо затворање на спорот со почитување на достоинството и идентитетот на двата народи и двете држави.
На крајот, наша е должноста да преземеме одговорност за оваа историска можност да го решиме ова отворено прашање меѓу двете земји.
Благодарам.
Новинарско прашање за премиерот:
Новинар од Дојче Веле: Премиере Заев, постојат неколку земји членки на Европската Унија кои што се загрижени за проширувањето на ЕУ. Како реагирате на ова, во насока на тоа да им објасните на луѓето и на државите дека ова е ова е Win-win ситуација и за вашата држава и за ЕУ?
Премиерот Заев: Благодарам на прашањето. Многу често тоа е дебата и овде во нашата земја. Нашата желба да бидеме членки на ЕУ е прашање на вредности. Ние веруваме во вредностите на Европската Унија. Понекогаш дури може и повеќе од некои земји членки на Европската Унија. Тие вредности за нас се светост и сакаме да ги практицираме и да ги живееме овде во Македонија. На Европа можеме да ѝ дадеме многу. Можеме да ѝ дадеме пријателство, работлив народ, оптимизам, позитивна енергија и секако да бидеме составен дел во севкупната нејзина поставеност на глобално, светско ниво. Секако Европа ја знае Македонија, дури и земјите членки кои се со некаква резерва, ако се сѐ уште со резерва, треба да знаат дека од Македонија ќе добијат, а нема да изгубат ништо. Ние сме пријателска земја, мала земја, но сме Европска земја.