Владата на Република Македонија денеска ја одржа својата редовна 57-ма седница

 

На редовната 57-ма седница, Владата на Република Македонија го формираше Советот за следење на имплементација на стратегијата во правосудството 2017-2022, со кој ќе претседава премиерот Зоран Заев. На седницата беше утврден и составот на Советот. Во него ќе членуваат министерот за правда Биљен Саљији, неговиот заменик Оливер Ристовски, Јавниот обинител Љубомир Јовевски, претставник од Врховен Суд, Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, по еден претставник од Апелационите судови во Гостивар, Битола, Штип и Скопје, како и по еден претставник од Основните судови Скопје 1 и 2. Членови на овој совет, ќе бидат и Народен правобранител Иџет Мемети, како и Џемали Саити, претседателот на здружението на судии, а свои претставници ќе имаат и Адвокатската комора, како и Блу Принт групата на граѓански организации за правосудство.

На седницата, министрите ја разгледаа и ја усвоија Информацијата за прогресот на активности во реализацијата на Акцискиот план за проектот „Изградба на автопат Демир Капија – Смоквица”, автопатот ќе се пушти во употреба кон средината на следниот месец.

Од областа на образованието, министрите ја разгледаа и ја усвоија информацијата за одложена имплементација на наставните планови и програми за прва година на гимназиското образование, средното стручно четиригодишно образование и за средното стручно тригодишно образование од учебната 2019-2020 година, односно на програмата КЕМБРИЏ. На седницата беше усвоена и Информацијата за воведување на италијански јазик во основно и средно образование како можност за втор странски јазик.

Заради негување на играорната, вокалната и вокално-инструменталната фолклорна уметност на албанската заедница во Република Македонија, на денешната седница се основаше Национална установа „Ансамбл на албански народни ора и песни во Република Македонија“ - Скопје, како непрофитна установа од областа на културата.

 

 

Владата ја усвои информацијата за реализација на проектот „Изградба на Пречистителна станица за отпадни води и рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во Општина Битола“. Министерството за животна средина и просторно планирање до Секретаријатот за европски прашања треба да достави ИПА апликација за проектот, а потоа СЕП апликацијата да ја достави до Делегација на ЕУ во Скопје и истата да се препрати до Европската комисија во Брисел.

Владата на Република Македонија го става во мирување процесот на продавање на возилото “Мерцедес” до завршувањето на судскиот спор во кој може да се појави потреба да биде доказен материјал. Оваа одлука се носи со цел да се оневозможи избегнување одговорност на обвинетите во судскиот процес каде возилото е предмет на интерес.

Владата на денешната седница одлучи да прекине постапката за измена на Планот за управување на Националниот парк Галичица, согласно препораките на УНЕСКО. Тоа значи дека овој Национален парк и натаму останува заштитено светско наследство на листата на УНЕСКО.

На седницата беше донесена и Национална стратегија на Република Македонија за спречување на насилен екстремизам, со Акциски план за имплементација и Национална стратегија на Република Македонија за борба против тероризам, со Акциски план за имплементација.

 

 

Министрите, на 57-мата седница донесоа одлука за формирање на Управен одбор на Проектот - Самовработување со кредитирање и Проектот кредитирање на правни субјекти, односно микро и мали претпријатија за отворање на нови работни места.

Станува збор за проект кој се реализира преку Агенцијата за вработување, а целта е доделување кредитни средства под поволни услови на правните субјекти кои сакаат да го прошират и развијат сопствениот бизнис како и на невработените лица кои сакаат да го решат своето вработување. Во рамки на Проектот кредитирање на правни субјекти за отворање на нови работни места постои можност за правните субјекти кои ќе вработат млади лица до 29 години да се одобруваат по 4.000 евра за едно новоотворено работно место, со максимален износ до 12.000 евра за вработување на 3 невработени млади лица до 29 години.