Министерот Сарачини се обрати пред турски бизнисмени во Истанбул
Чувствувајте ја Македонија како пријателска земја, отворена за развој на вашиот бизнис. Земјата има мала и отворена економија, а благодарение на договорите за слободна трговија, турските компании наместо пазар од два милиона жители, имаат пристап до пазар од 650 милиони потрошувачи. Ова го истакна министерот за економија Валон Сарачини обраќајки се пред турски бизнисмени во Стопанската комира на Истанбул, моќна институција со 350.000 членки, чиј годишен извоз на стоки и услуги надминува 74 милијарди американски долари.
Министерот доби ветување дека турските компании многу брзо ќе ги зголемат своите инвестиции во Македонија. Најинтересни сектори за инвестирање, според него, се производството на делови за автомобилската индустрија, енергетиката, инфраструктурата, туризмот, особено во најавените слободни туристички зони.
Во рамки на посетата на Турција, на средбата со турскиот колега Зафер Чеглајан, на која присуствуваа и министерот без ресор Хади Незир, како и генералниот конзул во Истанбул Зерин Абаз, министерот Сарачини побара од турската Влада да ги поттикне тамошните компании да ги насочат своите инвестициски активности кон Македонија.
- Има интерес кај неколку потенцијални инвеститори за менаџирање со слободната економска зона кај Тетово. Токму поради нив, го изменивме и моделот за концесионирање со јавно-приватно партнерство. Очекувам продолжениот јавен повик да биде успешен, рече Сарачини.
Во областа на туризмот, министерот предложи креирање производ наменет само за турските туристи под името „Посетете ја родната земја на Кемал Ататурк и видете 7 чуда за 7 дена“. Сараќини и Чаглајан се договорија следната средба на Мешовитиот меѓувладин комитет за економска соработка да се одржи годинава, по последната одржана во 2008 година.
Неговиот домаќин, соопштуваат од Министерството за економија, најавил дека при неговата скорешна посета на Македонија ќе биде потпишан и меморандум, со кој турското министерство ќе преземе обврска да ги мотивира тамошните компании да инвестираат во оваа зона.
Говорејќи за вкупните турски инвестиции во Македонија, Чеглајан беше дециден дека многу брзо турските инвестиции ќе го достигнат нивото од 500 милиони американски долари.
- Премиерот Ердоган најави дека трговската размена меѓу Македонија и Турција ќе достигне 1 милијарда долари. Ние очекуваме македонските производи да се пласираат што повеќе надвор од границите на земјата, вклучувајќи ја и Турција. Досега 100 турски компании инвестирале во Македонија. Најзначајни се ТАВ, Халк и Зираат банките и очекувам нив да ги следат Шише џам, Бортехник и други компании, рече Чеглајан.
За време на претстојниот македонско-турски бизнис форум во Истанбул планирано е македонската делегација да посети и неколку поголеми индустриски центри.