Премиерот Зоран Заев: Се разговара за коалиција со Турската демократска партија и со двете групи на БЕСА

На прес конференцијата на Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев, со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и Зоран Китанов, директор на ЈП „Државни патишта“, беа поставени серија прашања на актуелни политички теми кои ви ги пренесуваме во целост во ова соопштение:

 

 

Медиуми: Кога и со која партија, најпрво ќе ги започнете преговорите за влез во Владата?

Премиерот Заев: Ние, ги допрецизираме разговорите со Турската демократска партија и се надевам дека до идниот вторник тоа ќе биде комплетно заокружено. Се работи за споделување на одговорност по самите институции. Пратеникот од Турската демократска партија веќе учествува во поддршката на законските решенија и процедурите во Парламентот. И генерално, ова не е условено од некои места, но треба да го заокружиме прво тој вид на соработка. А после тоа, ќе разговараме и со другите политички партии. Пред сè, размислувам за БЕСА и тоа, двете групи. Јас се надевам дека ќе има нешто што ќе ги спои како една група.
Гледам дека сите соработуваат, сите заедно веруваат во овој концепт, кој што е насочен во Владата. После тоа ќе разговараме и со останатите опозициони партии и пратеници.

Медиуми: Во однос на Законот за јазици, вчера рековте дека се разгледуваат повеќе опции, меѓу кои едната е, да доставите Иницијатива до Уставниот суд, кој што ќе се произнесе за непотпишувањето на Законот за јазици од страна на претседателот Иванов. Имате ли други опции? Рековте дека се разгледуваат повеќе опции, кои се другите?

Премиерот Заев: Правниците ми кажуваат дека има уште неколку опции, кои што се разгледуваат. Што ни е целта? Целта е, конечно Парламентот да си ги знае своите надлежности и тоа што го работи да има свој импакт. Претседателот, исто така. И овде, буквално, со длуката на Претседателот да не го потпише Законот, е блокирана надлежноста на Парламентот. И сега, ние можеме да бидеме две спротивставени страни, можеме да бидеме политички различни, но не смее ниту една институција во Македонија да биде блокирана. Од тој аспект, ова ќе биде извесно решение, пред Уставниот суд. Да ги разграничи надлежностите и да даде упатства за разрешување. Да не влегуваме секој, во сопствено толкување на работите. А правниците, кои што работат, пред сè, во Собранието, но и дел овде во Владата, разработуваат и други механизми на решавање на овој проблем. Заради тоа што, функционална демократија, функционална држава значи и изнаоѓање решенија на вакви преседани или случаи како што е непотпишувањето, после трето гласање, на Законот за употреба на јазиците.

Медиуми: Дали сте разговарале со Вашиот партнер, Ахмети, или со ДУИ, за проширување на коалицијата, кој е нивниот став? И дали се вистинити информациите дека денеска ќе имате средба со господинот Ахмети и кога ќе се одржи ако има?

Премиерот Заев: Не, нема да имаме средба. Утре ќе се видиме во Парламентот, имаме пратенички прашања и веројатно паузата ќе ја искористиме за ваков вид на разговори. Генерално, ставот на владејачката коалиција е да ги остави отворени вратите. Уште, кога ја објавивме Владата, договорот за коалиција рековме остануваме со отворени врати. И од тој аспект на тогашен мандатор, и сегашен премиер, оставена е можноста на премиерот секогаш да разговара со политичари, со пратеници, со политички партии коишто се подготвени да ја поддржат програмата на владата и концептот посебно позициите на актуелните прашања во Македонија. Зборувам за прашањето на проблемот со името којшто Грција го има со Република Македонија, за нашето уставно име, зборувам за реформите, зборувам за концептот едно општество за сите и сето она коешто значи важни аспекти на подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани. Има и тоа како и пратеници и политички партии коишто се во опозиција, а не се согласуваат со најголемата опозициона партија односно негуваат концепт или филозофија којашто е многу блиска до владејачкото мнозинство. Тоа го препознавме и од тука се иницијативите и причините да разговараме со сите. Кога ќе седнеме да разговараме за суштината ние ќе видиме дали има суштествена поврзаност и потреба да продолжиме соработка како владејачки партнери во периодото којшто доаѓа пред нас. Штом ќе ја поминам таа фаза, јас и со г-динот Ахмети, но и со другите коалициони партнери, од сегашното мнозинство ќе барам согласност од сите заедно за евентуално зголемување на коалицијата и бројот на парламентарното мнозинство.