Реформите од Планот 3-6-9 се заокружуваат на 17 април и ги забрзуваат интеграциските процеси за Република Македонија во ЕУ и НАТО
Со 17 април, денот на објавувањето на Извештајот на Европската Комисија, се заокружува периодот предвиден за реализацијата на итните реформски проекти на Владата на Република Македонија, Планот 3-6-9, кој беше промовиран на 5 јули 2017 година, само еден месец откако започна со работа актуелниот состав на Владата.
Планот 3-6-9 беше проект за враќање на брзата трака на евро-атлантските процеси, за рехабилитација на функциите на институциите после политичката криза и за иницирање и спроведување реформи во клучните области што произлегоа од извештаите на високата екпертска група на Рајнхард Прибе и од заклучоците на прегововорите во Пржино.
Најголем дел од активностите за кои беше надлежна Владата се исполнети.
Останува да заврши собраниската постапка на последните предлози за измени и дополнувања на неколку законски решенија која се очекува да се заокружи до средината на претстојниот месец.
Клучните реформски приоритети се однесуваа на обезбедувањето услови за функционален демократски парламент; на реформите во правосудството; на реформите во медиумите; на борба против организираниот криминал и корупцијата; на реформите во јавната администрација; на реформите во безбедносните служби; на промените за обезбедување фер и демократски избори според препораките на ОБСЕ/ОДИХР и сите други релевантни меѓународни организации, како и на кохабитацијата со претседателот на државата.
Овој процес резултираше со опоравување на институциите за да бидат во служба на граѓаните, ги забрза интеграциските процеси за Република Македонија во ЕУ и НАТО и овозможува подобар живот за граѓаните.
Придонесот од сите институции и нивоа на власт е клучен за успех на реформите.
Освен насоките што дојдоа од извештаите на високата екпертска група на Рајнхард Прибе и од заклучоците од преговорите во Пржино, реализацијата на Планот 3-6-9 е опфатена и во Програмата за работа на Владата 2017-2020 и ги следеше и: препораките од средбите на високо ниво со претставниците на институциите на ЕУ, насоките од Европската комисија во Итните реформски приоритети (2015), Препораките на групата високи експерти за системските прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите (2015), како и низата препораки до Владата од изминатите неколку години од телата на Советот на Европа (Венецијанската комисија, ГРЕКО), препораките на ОБСЕ/ОДИХР, наодите и препораките од годишните Извештаи на Европската комисија, вклучително и од Пристапниот дијалог на високо ниво, заклучоците од министерскиот дијалог за Програмата за економски реформи, заклучоците од редовните состаноци на телата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, документот подготвен од група граѓански организации насловен како „Предлог за Итни демократски реформи“ (Блупринт) и резултатите од консултациите со граѓанското општество.
Во следниот период, веднаш по усвојувањето на последните предложени законски решенија во Собранието на Република Македонија, Владата на РМ ќе направи сумирање на резултатите од овој процес за што јавноста ќе биде детално запознаена.