Mинистерот Tодоров ja посети Општата болница во Кочани
Во рамки на воспоставената пракса за посета на здравствените домови и центри во Македонија, министерот за здравство Никола Тодоров денеска престојуваше во Кочани, при што ја посети Општата болница во која ресорното Министерство донираше медицинска опрема, апарати и други помагала.
- Донацијата се состои од 17 дијализери за Одделението за дијализа, ехо апарат и рентген апарат за Одделението за рендген, повеќе видови анализатори за лабораторијата, како и апарати за Детското одделени при Општа болница во Кочани, истакна министерот Тодоров посочувајќи дека со ова се покажува оти Министерството за здравство подеднакво инвестира во Здравствените установи во државата.
Министерот Тодоров е задоволен од досегашната работа на директорот на Општа болница Кочани, д-р Дејан Апостолов кој за два ипол месеци успеа да менаџира бројни донации и да ги надмине лошите состојби во кои се наоѓаа одделенијата во Општа болница.
Престојот во Кочани министерот Тодоров го искористи и за средба со вработените од Итната медицинска помош при Здравствениот дом од Кочани, на која тие реагираат на новото работно време и паричните казни од страна на директорот д-р Ванчо Коцев.
На средбата со незадоволните вработени од Итната медицинска помош, присуствуваше и д-р Љубиша Каранфиловски, председател на Самостојниот синдикат на здравствените работници, кој изрази уверување дека проблемот во Итната медицинска помош во Кочани ќе се реши. Подготвеност за решавање на проблемот по пат на екипирање на оваа служба со лекари, медицински персонал и возачи искажа и министерот Тодоров.