Вицепремиерот Анѓушев и министерот Бектеши го презентираа предлог-законот за енергетика: Законот носи придобивки за граѓаните, компаниите и државата
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и министерот за економија м-р Крешник Бектеши одржаа прес конференција на која го презентираа Предлог Законот за енергетика, кој беше усвоен на Владина седница минатата недела.
Вицепремиерот Анѓушев истакна дека со донесување на овој Закон, кој е со европско знаменце, се имплеменетираат 5 европски директиви и 3 европски регулативи и дека освен што се исполнуваат обврските кон Енергетската заедница, поважно е што придобивка ќе имаат граѓаните, компаниите и Република Македонија воопшто.
„Република Македонија е потписник на договорот за Енергетска заедница и како таква има обврска да го имплементира европското законодавство во енергетскиот сектор. Овој Закон требаше да биде донесен уште во 2014 година, ние ја преземавме таа задача и обврска, но не само да се допаднеме на Европската Унија, туку и за бенефит на граѓаните, да добијат можност за сопствен избор на снабдувач со енергенси“, потенцира Анѓушев.
Домашното производство на електрична енергија ќе биде насочено кон граѓаните, за да граѓаните, ососбено од најранливите групи, бидат заштитени од покачување на цените на струјата.
„Почнувајќи од 2019 година, ЕЛЕМ има обврска 80% од своето производство да го насочи кон универзалниот снабдувач, кој ќе биде избран на тендерска постапка, по донесување на Законот, со годините тој процент ќе се намалува, за да во 2025 ЕЛЕМ 30% од своето производство го предава на универзалниот снабдувач. Со Законот се разграничува сопственоста на енергетските компании во сопственост на државата: ЕЛЕМ останува под ингеренции на Владата, МЕПСО под Министерството за транспорт и врски, додека МЕР е под надлежност на Министерството за економија, со што се децентрализира надлежноста на Владата и се дисперзираат надлежностите над енергетските компании на повеќе државни органи“, појасни Анѓушев.
Вицепремиерот подвлече дека со Законот за енерегетика се овозможува зголемување на учеството на обновливите извори на енергија во вкупното производство на електрична енергија, при што Владата ќе работи да ги искористи сите расположливи потенцијали за производство на електрична енергија од сонце, ветер и вода.
Министерот за економија Бектеши истакна дека Законот за енергетика ќе има позитивни економски и социјални влијанија, како и административни подобрувања за поефикасен и сеопфатен енергетски систем во Република Македонија.
„Донесувањето на овој закон означува крај на монополот и дава избор на потрошувачите. Малите и средни претпријатија имаат можност да купуваат електрична енергија и гас по сопствен избор. Се зголемува конкурентноста, преку воведување на премиум тарифите . Ќе донесеме годишна програма, со мерки за намалување на енергетска сиромаштија, преку субвенции за стечајните работници, пензионерите со ниски примања и други ранливи категории. Дополнително, за заштата на животната средина, со Законот се предвидува можност за производство на електрична енергија од обновливи извори за сопствени потреби, при што вишокот на произведената електрична енергија, граѓаните со надоместок, во согласност со Законот, ќе може да го предадат на електро дистрибутивниот систем“, нагласи Бектеши.