Од 62-рата седница на Владата на РМ што е во тек: Одобрен закуп на земјиште во ТИРЗ за нова, 10-та странска инвестиција според новите мерки за поддршка; Намалена каматната стапка за кредити на Македонската банка за поддршка на развојот
Владата на денешната седница, што е во тек, ја одобри одлуката за определување на периодот на закуп на градежното земјиште во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1 и за висината на закупнината, со нацрт – договор за долготраен закуп на градежно земјиште со Друштво за производство, трговија и услуги БАУМЕР ДООЕЛ Скопје, чија матична компанија е Baumer Holding AG од Швајцарија.
Ова е 10-та поддршка за странска инвестиција според новата програма за поддршка на економскиот план на Владата на Република Македонија.
Владата на Република Македонија, на 62 седница што е во тек, го разгледа и усвои Полугодишниот извештај за износот и бројот на одобрени кредити од Посебниот кредитен фонд (ПКФ), структурата по банки учеснички, како и состојбата на салдото, и го овласти д-р Драган Тевдовски, министер за финансии, со Македонска банка за поддршка на развојот АД Скопје (МБПР) да потпише Анекс кон Договорот за администрирање на Посебен кредитен фонд бр.51-422/1 од 21.01.2011 година склучен меѓу Владата на Република Македонија и МБПР.
Со Анекс на Договорот склучен со МБПР ќе се намали каматната стапка за банките учеснички од 3% фиксно годишно на 2% фиксно годишно, ќе се намали каматната стапка за крајните корисници од до 8% годишно на до 5% годишно, ќе се зголеми максималниот рок на отплата на кредитите од 8 на 10 години и ќе се овозможи пласирање на кредити со намена и само за обртни средства со рок на отплата до 3 години со вклучен грејс период до 6 месеци и со тоа ќе се обезбеди поголема поддршка на развојот од страна на Банката.
Како дополнителен заклучок, Владата ја задолжи Македонска банка за поддршка на развојот АД Скопје да подготви Стратегија за зголемување на капацитетите за финансирање на македонски компании, со поконкурентни цени и услуги, како и подобрување на условите за осигурување на извозот на македонски производи и во рок од 15 дена да ја достави до Владата.
На 62-та седница на Владата на РМ што е во тек, се разгледуваат и други точки од интерес на граѓаните.