Отворен ден со Армијата на Република Македонија
Денеска на плоштадот Македонија се одржа настан „АРМ со Вас“ на кој граѓаните имаат можност одблиску да се запознаат со Армијата на Република Македонија и со дел од нејзините капацитети.
На денешниот отворен ден присуствуваа министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на ГШ на АРМ, генерал потполковник Величковски, воено дипломатскиот кор во Република Македонија и други високи претставници на МО и АРМ.
На плоштадот Македонија, најнапред продефилира Баталјонот за почести заедно со Воениот оркестар кој отсвири дел од репертоарот на воени маршеви и химни, по што од страна на гардистите беше изведена точката Егзирцир. Во рамки на денешниот отворен ден, граѓаните имаа можност да видат изведба на боречки вештини од страна на специјалната единица, Волци.
Армијата беше претставена на повеќе штандови кои беа поставени по овој повод. Граѓаните имаа можност да се информираат за доброволно служење во АРМ што е основен предуслов за да станат дел од професионалниот состав на АРМ, да се информираат за актуелните огласи за прием на професионални војници и за воени пилоти, да се запознаат со студиската програмата што ја нуди Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ и како да станат идни офицери во АРМ, имаа можност да погледнат дел од оклопните возила на АРМ и да се запознаат со дел од опремата која се користи во Армијата.
На видео бимот на градскиот плоштад беа прикажани видео пораки од припадници на АРМ и нивни претпоставени во Македонија и во мисијата Одлучна поддршка во Авганистан.