Министерот Попоски се сретна со генералниот директор за проширување на ЕУ, Санино
Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска се сретна со генералниот директор за проширување на ЕУ Стефано Санино, кој престојува во дводневна посета на Република Македонија.
На средбата, како што соопшти МНР, Попоски ја нагласи потребата од одржување на кредибилитетот на процесот на проширување со оглед на фактот дека Македонија не доби датум за почеток на пристапни преговори и покрај препораката од Европската комисија (трета година по ред). Ова, заедно со избегнувањето на употребата на придавката „македонски“, доведе до значителен пад на довербата во европските институции кај македонската јавност (според последното истражување на Евробарометар).
Исто така, Попоски се задржа на очекувањата на Република Македонија од Пристапниот дијалог на високо ниво со посебен акцент на постигнувањата кои државата ќе ги оствари во оваа година. Притоа ја истакна потребата од премин на Република Македонија во втората фаза на имплементација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
Во однос на Извештајот за напредокот во 2012 година, Македонија очекува признавање на статусот на „функционална пазарна економија“ и употреба на придавката „македонски“ според праксата во Обединетите нации.
Министерот Попоски нагласи дека Република Македонија доследно ќе ги почитува одредбите за визниот режим со ЕУ. Во однос на пресудата од Меѓународниот суд на правдата тој се заложи за почитување на принципите на меѓународното право и ја повтори посветеноста на Република Македонија за решавање на спорот со Република Грција преку активно учество на преговорите кои се водат во Њујорк со помош на медијаторот Нимиц, а под покровителство на ОН.
Генералниот директор Санино истакна дека ЕК ќе се заложи за премин на Република Македонија во втора фаза на Советот за Стабилизација и Асоцијација. Тој има големи очекувања од Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу РМ и ЕУ, кој треба да се одржи во периодот февруари-април оваа година. Ја нагласи потребата од приоритетизација и проактивен однос на Македонија во кластерот Владеење на правото (поглавја 23 и 24 - судство, слобода на медиуми, борба против корупција) и Реформа на јавната администрација.
Санино се согласи дека Македонија ги исполнува главните претпоставки за добивање статус на „функционална пазарна економија“ и нагласи дека ЕК уште еднаш ќе се наврати на ова прашање со вклучување на ЕКФИН, соопшти МНР.