Премиерот Заев на отворениот брифинг со новинарите: Одговорно стоиме пред јавноста за првиот праг за нашиот реформски пат за остварување на стратешките интереси
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и вицепремиерите Радмила Шекеринска и Бујар Османи денеска учествуваа отворениот брифинг со претставници на медиумите на темата „Економија, реформа и интеграција на Република Македонија“.
Во своето воведно обраќање пред новинарите премиерот Заев истакна дека во духот на отвореноста и транспарентноста, тој и претставниците на владата, како и во овој случај се секогаш подготвени за соочување со јавноста во одделни фази од работата на владата за реализацијата на реформските задачи од програмата на Владата на РМ.
„Сакаме овие брифинзи да бидат редовни и во фази кога сметаме дека заокружуваме одредени процеси. Освен со редовните прес конференции, на овој начин ќе можеме подлабоко да навлеземе во експликацијата на нашите преземени активности и политики од интерес на граѓаните“, истакна премиерот Заев.
Тој нагласи дека граѓаните и јавноста за голем дел од активностите на владата јавноста имаше прилика да се информира и низ постапката за изгласување доверба за Владата на РМ во Собранието на Република Македонија, иницирана од опозицијата, и дека и оваа прилика, непосредниот контакт со медиумите е дополнителен начин за информирање на јавноста.
„Стоиме отворено и транспарентно да разговараме за сите прашања. Убаво е да го задоволиме интересот и со тематски определени активности. Се разбира, стоиме на располагање да одговориме и на прашања кои се од ваш посебен интерес“, потенцираше премиерот Заев.
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, и вицепремиерите Радмила Шекеринска и Бујар Османи одговараа на прашања за разговорите за проблемот што Република Грција го има со уставното име на Република Македонија, за евроатлантските процеси, за реформите, за прашањата од сферата на економијата и сервисите за граѓаните на владата, за прашањата за концептот „Едно општество за сите“, како и за други прашања од интерес на граѓаните.