Вицепремиерката Шекеринска на Конститутивна седница на Советот за соработка и развој на граѓанскиот сектор: Заедно со граѓанските организации за силен инклузивен дијалог
Во Владата на РМ денеска се одржа конститутивна седница на Советот за соработка и развој на граѓанскиот сектор, како реализација на одлуката на Владата на Република Македонија донесена на седницата одржана на 3 април 2018 година.
Обраќајќи им се на присутните, и поздравувајќи ги од името на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, Заменик претседателката во Владата на Република Македонија и министерка за одбрана Шекеринска истакна дека членовите на Владата, седницата не ја гледаат како формалност, туку како начин преку кој со соработка со граѓанскиот сектор може да се помогне во остварување на Владините приоритети.
„Ве гледаме како сојузник во борбата против ‘заробената држава’ која што не се победува на избори, туку се победува преку многу, болни, тешки, понекогаш и долги реформи“, истакна вицепремиерката Шекеринска.
Таа подвлече дека Советот не е само средство на граѓанските организации за постигнување на поголема гласност и влијание, туку и како начин до Владата да пристигнат повеќе информации и различни мислења за силен инклузивен дијалог, како многу потребен за Република Македонија.
„Како Влада, во изминатиот период обезбедивме и законски и процедурални услови за подолги дијалози по сите законски пакети и покажавме дека квалитетот ни е поважен од квантитетот“, рече Шекеринска, подвлекувајќи дека Владата посебно инвестира во темата на транспарентноста и инклузивноста.
Потсетувајќи на притисокот, кој врз граѓанскиот сектор се вршеше во минатото, Шекеринска подвлече дека актуелната Влада се заложува да се елиминира однесувањето во кое граѓанските организации се сметаат за непријател на државата, затоа што критикуваат некого од власта, нарекувајќи го тоа однесување како антидемократско, антиевропско и антидржавно.
„Пред нас е многу важна недела за нашата држава за која сум убедена дека ќе биде многу позитивна за Република Македонија. Со право, како држава очекуваме Извештајот од Европската комисија да биде не само позитивен, туку и да содржи чиста, недвосмислена, јасна, неусловена препорака за почеток на преговори“, нагласи вицепремиерката Шекеринска.
Советот за соработка и развој на граѓанскиот сектор брои 31 член, и во него партиципираат претставници на граѓанските здруженија и организации и претставници на ресорни Министерства и Секретаријати.
На денешната седница, освен членовите на Советот, беа присутни и претставници на Делегацијата на Европската унија.
Во текот на дискусијата за Предлог-деловникот за работа на Советот за соработка и развој на граѓанскиот сектор, присутните гласаа за формирање на работна група од четири члена, која до следната седница која е закажана за 9 мај, ќе ги усогласи и доработи одредбите на предложениот деловник.