Премиерот Заев за Извештајот на ЕК пред Комисијата за европски прашања во Собранието на РМ: Реформската динамика ни донесе чистата препорака, заедно да сработиме и за датум за преговори!
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, на покана на Комисијата за европски прашања во Собранието на Република Македонија, денеска се обрати пред пратениците и дипломатскиот кор во нашата земја.
На почетокот на своето обраќање премиерот Заев изрази благодарност за работата и соработката на Делегацијата на ЕУ во Скопје и на амбасадорот Самуел Жбогар, во заедничките проекти на патот на нашата земја кон Европската унија, и потоа истакна:
Почитувани присутни, претседател на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, членови на Комисијата и пратеници, почитуван евроамбасадор Жбогар и претставници на дипломатскиот кор во земјава, почитуван американски аналитичар, поранешен висок дипломат, Даниел Сервер, почитувани претставници на Владата и на државни институции во земјата, почитувани претставници на МАНУ, претставници од граѓанските организации, претставници на медиумите, почитувани граѓани,
Да, се израдувавме на чистата препорака, но истовремено ги примивме пораките од Извештајот на Европската комисија за Република Македонија во 2017 година.
Ќе се надоврзам на евроамбасадорот Жбогар, и овде, во Законодавниот дом, каде што си личи, каде што си е ред, сакам да информирам: Ја продолживме реформската динамика, која што ве уверувам, ја интензивираме!
Во Владата веќе се поставуваат контурите на реформскиот План 18, што се однесува во голем дел на побараното од ЕК, имплементација на усвоените реформски закони.
Ќе го дефинираме заедно, во консултации со Европската комисија и со сите релевантни и општествени политички фактори.
Ќе работиме како и до сега, заедно со сите.
Со досегашните напори успеавме да ја убедиме Европската комисија дека заслужуваме почеток на претпристапните преговори.
Со целата наша енергија, знаење, искуство, интензивна работа и политичка волја, ајде заедно да ги убедиме и државите членки на ЕУ, дека заслужуваме почеток на преговорите за членство во ЕУ и дека сме подготвени да фатиме чекор со државите од регионот коишто веќе преговараат.
Сакам да најавам дека до донесувањето на одлуките за почеток на преговорите на Европскиот совет во јуни, ќе работиме интензивно и на подготовките за воспоставување преговарачка структура, којашто, во име на државата, ќе ги подготви и води преговорите со ЕУ за членство.
Со овој чекор, демонстрираме сериозна намера и конкретна подготвеност за почеток на преговорите, со квалитетна преговарачка структура. За оваа задача ќе ни требаат најдобрите луѓе од институциите, но исто така и најдобрите луѓе во државата и целото општество. Овде не смееме да имаме никакви поделби, ниту пак предрасуди.
Затоа, одам и чекор понатаму од датумот за почеток на преговорите со ЕУ, којшто очекувам да го добиеме во јуни.
Треба да имаме предвид дека датумот за почеток на преговорите со ЕУ ќе ги отвори први најтешките теми: правосудство и владеење на правото, заштита на човековите права, борба против криминал и корупција, реформи во јавната администрација, реформи на безбедносните служби, реформи во социо-економскиот систем, успешна регионална економска соработка.
Едно е реформа во законите, друго е реформирани на дело: судство, разузнавачки служби, администрација, економија...
Реформиран државен систем, што функционира според европски стандарди и испорачува европски вредности - тоа е потребно. Тоа ќе ни помогне да станеме составен дел од европскиот политички и економски систем.
Затоа, ракавите веќе да ги засукаме, нè чека полни раце работа, сите!
Знам дека сме свесни сите за моментумот што дава шанса за реализација на стратешката цел на Република Македонија - почеток на преговорите со ЕУ и зачленување во ЕУ.
Ова е национална и генерациска задача којашто нè обединува сите, ги обединува сите граѓани, сите етнички заедници, сите политички партии, сите институции.
Еве, покажавме дека можеме да работиме заедно.
Реков дека Владата е подготвена да предводи, но и тесно да соработува со сите, и тој збор ќе го одржиме - за доброто на сите и за доброто на нашата Македонија.
Сите забелешки од овој Извештај нека ни бидат водилка за работа и за успех.
Заложбите, од сите парламентарни групи и сите општествени чинители се важен дел од тој заеднички успех.
Ова е најпозитивен Извештај за Република Македонија во последните неколку години.
Извештајот реално ги отсликува и напредокот, но и проблемите.
Извештајот е признание за нашите заеднички досегашни напори.
Прославивме, се израдувавме.
Ова признание сега треба и мора да ни биде поттик да работиме и повеќе, и уште подобро, за да ја постигнеме следната, очекувана, посакувана, конкретна цел - датум за почеток на преговорите на Република Македонија за членство со ЕУ.