Премиерот Заев на Форумот „Инвестиции за долгорочен економски развој“: Создаваме позитивен економски амбиент за нови инвестиции и развој на конкурентноста
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев и Зорица Апостолска, министеркa без ресор задолжена за странски инвестиции денеска учествуваа и имаа свои обраќања наФорумот „Инвестиции за долгорочен економски развој“.
Форумот, на кој покрај претставниците на Владата присуствуваа и амбасадори, домашни и странски експерти и истакнати стопанственици е организиран од Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) во рамки на Проектот на УСАИД – „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ спроведуван од ЕПИ Центар Интернационал, во кој ССК е партнер, заедно со Стопанските комори на Македонија и северозападна Македонија, како и МАСИТ, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии.
Претседателката на Сојузот на стопанските комори на Македонија, Данела Арсовска во уводот позитивно го оцени владиниот ангажман во насока на овозможување на соработка на домашните компании со странските инвеститори во земјава, како и посветувањето на важните фактори, оддржување на правната сигурност за подобрување на инвестициската клима и заштита на инвеститорите.
„Ја стабилизиравме финансиски државата, ја поставивме на пат на одржлив развој и нашите амбиции се токму како што е темата на Форумот – обезбедување инвестиции за долгорочен економски развој на Македонија“, истакна премиерот Заев заблагодарувајќи се на помошта од УСАИД и партнерите од меѓународната заедница кои и помагаат на Владата во остварување на нејзините заложби.
Премиерот Заев се осврна на важноста на обезбедувањето на законската регулатива, преку демократско носење на законите, како и определбата на Владата за финансиска помош на претпријатијата од буџетски средства. Тој подвлече дека ова конкретно се обезбедува преку Предлог-законот за финансиска поддршка, кој што веќе е во парламентарна процедура, а со кој се предвидува државата да ги поддржи претпријатијата кои ќе исплаќаат повисока плата од 18 илјади, како и оние кои ќе вложуваат во изградба на нови производни капацитетеи и ќе отворат нови работни места за граѓаните.
„Од исклучителна важност е регионалната економска соработка, која што отвора перспективи за нови фирми, нови претпријатија, нови работни места,“ оцени премиерот Заев, додавајќи дека во оваа насока за постоечките и идните бизнисмени во оваа насока се отвораат сериозни шанси за инвестиции во планираните меѓудржавна инфраструктура, гасификацијата, дигитализацијата.
Тој посебно ја истакна заложбата на Македонија за влез во ЕУ и НАТО, кои преку демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи, се посебен гарант на стабилноста и обезбедувањето на просперитетот кои обезбедуваат добра инвестициска клима и развој на економијата.
„За 10 месеци, ние со нашите реформски политики, политики на пријателства имаме над 10 потпишани договори за инвестиции, во дваесетина сме во завршна фаза, а разговараме со 200 компании“, подвлече премиерот Заев.
Вицепремиерот Анѓушев во својот говор се осврна на заложбите на Владата за обезбедување на подобра регулатива, преку остварување на двете фундаментални вредности, а тоа, истакна Анѓушев, е владеењето на правото и обезбедувањето на стабилна политичка ситуација во земјата.
Тој, рече дека Владата конкретно делува на заштитата на капиталот на инвеститорите и прави клима во кои тие се чувствуваат безбедно, разграничувајќи ги политичките интереси.
„Ве поканувам, да ги препознаете мерките, кои ние како Влада ги преземаме, а со кои, за разлика од минатото, Владата не се меша во бизнисите туку ги креира условите преку носење на вистинската законска регулатива“, рече Анѓушев.
Во врска со прогресивниот данок, а на прашање на претседателката на Сојузот на стопанските комори на Македонија, Данела Арсовска, вицепремиерот Анѓушев рече:
„Верувам во правно општество и прогресивниот данок, не е само со цел на полнење на Буџетот, туку е механизам за обезбедување на праведно општество и социјална правда“.
Тој додаде, дека Владата е отворена транспарентно да расправа на оваа тема и објасни дека прогресивниот данок предвидува поголем данок, само за сумата над прагот кој евентуално по широка дебата би се утврдил.
Според Зорица Апостолска, министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, глобалните трендови покажуваат дека бизнисот својот просперитет го препознава во иновациите, во автоматизацјата, во воведувањето на ИТ технологии во својата дејност, и тоа е патот кој ги води до поголема додадена вредност во производите и услугите и кон поголема конкурентност.
Следствено на тоа, рече министерката Апостолска и самиот План за економски раст е концепиран кон стимулирање на овие трендови и во македонското стопанство преку предвидена финансиска поддршка за мотивирање на компаниите да инвестираат во технолошки развој и истражувања и преку процес на реформи на образованието, кои се во насока на воспоставување на посилна релација помеѓу бизнисот и образовниот процес, со цел создавање на квалификувана работна сила која со своите вештини и квалификации успешно ќе ги задоволи побарувањата на бизнис заедницата.